Но забележуваме дека освен граѓаните, маслото го купуваат и дел од трговците кои имаат помали маркети и потоа таму го препродаваат по повисока цена. Затоа ние планираме, иако уште нема одлука на менаџментот, да ја ограничиме продажбата на маслото за јадење на три литра по потрошувач, велат од  управата на „Жито маркети“. 

Маслото за јадење, по неколкудневниот недостиг во најголемиот број продавници во земјата, од вчера „се продава како алва“. Во „Жито маркети“ вчера биле продадени околу 1,5 тон литри зејтин. Но, не само од индивидуалните потрошувачи, туку, како што тврдат од овој трговски ланец, масло за јадење во големи количини изнесувале и дел од помалите трговци кои потоа го препродавале. Министерството за економија денеска ја ограничи продажбата на масло од сончоглед за јадење во големи количини до крајот на мај

Останаа непродадени само 23 шишиња масло за јадење од вкупно 1.500 литри коишто вчера беа дистрибуирани во нашите маркети во земјата. Но забележуваме дека освен граѓаните, маслото го купуваат и дел од трговците кои имаат помали маркети и потоа таму го препродаваат по повисока цена. Затоа ние планираме, иако уште нема одлука на менаџментот, да ја ограничиме продажбата на маслото за јадење на три литра по потрошувач, велат од  управата на „Жито маркети“ и додаваат дека државата порано требала да ја ограничи продажбата на маслото за јадење.

Во нивните маркети има масло од два домашни производители, а се продава по цена од 115 до 125 денари за литар. За споредба, масло од пет литри завчера на скопски Бит Пазар чинеше 700 денари.

Од денеска за секој поединечен купувач кој ќе купува масло од сончоглед за јадење, во трговските објекти, ќе биде ограничена продажбата на мала количина во единечно пакување. Се препорачува да не се дозволува продажба на масло од сончоглед за јадење во големи количини односно количини пакувани во пакети, објави министерот за економија Крешник Бектеши.

Директорката на Државниот пазарен инспекторат, Анета Симеска Димовска, за НоваТВ изјави дека ќе бидат изречени казни секаде кадешто има производ, во случајов – масло за јадење, без документ за потеклото, но и дека трговците треба да ги пријавуваат овие злоупотреби.

Секој трговец мора да има евиденција од каде го набавил маслото за јадење. Ќе бидат казнети сите оние трговци кои немаат документ од каде го земале маслото кое го пуштиле во продажба. Сите кои ќе забележат вакви конкретни злоупотреби, трговци на мало да купуваат масло за јадење или други производи од малопродажба, а потоа да ги препродаваат, да ги пријават случаите до пазарниот инспекторат, ни рече Симеска Димоска. (Љ.Б.)