Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска потпиша нов Указ со кој се продолжува вонредната состојба во земјата и мобилизацијата за 90 дена, а одлуката ќе стапи на сила од 25 мај, јави „Би-Би-Си“.

Документот е испратен до украинскиот Парламент и мора да биде одобрен со просто мнозинство на пратениците.

Вонредна состојба во Украина беше воведена на 24 февруари, на денот кога Русија изврши инвазија врз земјата. Првичниот рок од 30 дена досега е двапати продолжуван.

Првиот Указ на украинскиот претседател за мобилизација беше донесен на 90 дена и се однесуваше на сите региони во земјата.

Украинскиот министер за одбрана, Олексеј Резников, минатата недела изрази надеж дека ќе се вооружат милион борци, додека земјата се подготвува за „нова, долга фаза на војната“.