Украинскиот претседател Володимир Зеленски во среда ќе има виртуелно обраќање пред Конгресот на САД. Обраќањето ќе биде во 9 часот по средноевропско време, се вели во писмото испратено до членовите на Претставничкиот дом и Сенатот од спикерот Ненси Пелоси, јавува Си-Ен-Ен.

„Конгресот, нашата земја и светот изразуваат почит кон народот на Украина, кој покажа извонредна храброст, издржливост и решителност при руската неиспровоцирана, злобна и незаконска војна“, се вели во писмото.

Во писмото се додава: „Конгресот останува непоколеблив во нашата посветеност да ја поддржиме Украина додека се соочува со суровата и ѓаволска агресија на Путин, и да усвоиме закон за попречување и изолирање на руската економија, како и доставување хуманитарна, безбедносна и економска помош за Украина. Ја очекуваме привилегијата да го поздравиме обраќањето на претседателот Зеленски до Претставничкиот дом и Сенатот и да ја пренесеме нашата поддршка на народот на Украина додека храбро ја брани демократијата“.