Министрите за земјоделство од регионот утре ќе се состанат во Сараево за да договорат заедничка реакција по одлуката на Хрватска да ги зголеми давачките за увоз на овошје и зеленчук од 12 на 270 евра.
Хрватска со правилник пропиша воведување на инспекциски надзор и контрола на поголем број видови овошје и зеленчук кои се увезуваат од трети земји и енормно ги зголеми давачките за дури 22 пати.
Со овој Правилник трошоците за контрола на квалитет на овошјето и зеленчукот се зголемуваат од досегашните 90 куни (12 €) по производ, на 2.000 куни (274 €) по производ.
Со такви зголемени цени, македонското овошје и зеленчук ќе бидат неконкурентни на пазарот.
Министерот за надворешна трговија и економски односи на БиХ, Мирко Шаровиќ смета дека одлуката на Хрватска е спротивна на принципите на слободната трговија. Покрај домаќинот Шаровиќ, на состанокот во Сараево ќе присуствуваат министрите од Србија, Црна Гора, Македонија, Албанија и од Косово.

