Земјотрес со јачина од 7,1 степен, според Рихтеровата скала, синоќа го погоди Чиле, во близина на главниот град Сантјаго, соопшти американскиот геофизички институт. Според првичните информации нема жртви, ниту големи материјални штети.
Властите во Чиле дадоа наредба за превентивна евакуација во крајбрежниот регион до Валпараисо, но набрзо ја откажаа бидејќи Тихоокеанскиот центар за предупредување за цунами објави дека не се очекува цунами како последица од земјотресот.
Епицентарот на земјотресот, што се почувствувал во зградите во Сантјаго, бил на 35 километри западно од крајбрежниот град Валпараисо на 10 километри под морското дно.