Најмалку двајца загинаа, а над 180 луѓе се повредени во земјотресот со јачина 6,7 степени според Рихтер кој рано утрово во 1.30 часот се случи во Егејското море во близина на градот Бодрум во Турција и грчкиот остров Кос.
Двајцата загинати според локалните власти се на Кос, и се работи за двајца туристи Швеѓанец и Турчин. Бројот на повредени е 100.
Конзулатот на Турција во Грција ја потврди смртта на турскиот државјанин, додавајќи дека уште еден турски државјанин се здобил со сериозни повреди и е префрлен во болница во Атина.
Евакуиран е и еден траект на кој имало 200 турски државјани кои патувале од Кос кон Бодрум.
Наспроти Кос, во Бодрум околу 80 повредени се префрлени во болница, најголем дел од нив се здобиле со повреди скокајќи од прозорците поради паника.
Потресот предизвика и цунами кои ги полави улиците и хотелите во близина на крајбрежјето.
Американскиот геолошки завод соопшти дека земјотресот бил на длабочина од 10 километри.
Грчките власти испратија хеликоптери за да ги префрлат повредените на поголемиот грчки остров Родос.





