Земјотрес со јачина од 6,2 рано утрово ја погоди централна Италија при што има најмалку 21 загинат, а многумина се затрупани под урнатините, јави италијанската агенција АНСА, повикувајќи се на владини извори.
Земјотресот се случил во 3:36 часот, на 100 километри североисточно од Рим, на длабочина од 4 километри. Уште два потреса имаше час подоцна. Некои згради во главниот град се тресеа 20 секунди. Меѓу најоштетените е градот Аматриче, каде неколкумина загинаа, а во тек се спасувачки напори да се најдат преживеани.
„Патиштата за влез и излез од градот се отсечени. Пола град го нема. Има луѓе под урнатините. Има свлечишта и мостот може да падне“, изјави за РАИ радио градоначалникот Серџо Пероци. Главната улица во градот е уништена и спасителите се обидуваат да стигнат до 6 луѓе во урната зграда. Полицијата рече дека двајца загинале во селото Пескара дел Тронто.
Според геосеизмичката служба на САД, штетата може да е значителна, врз основа на претходните земјотреси. Службата вели дека земјотресот удрил близу градот Норча во Умбрија, чиј пикторескен центар е популарно туристичко место. Но, градоначалникот на Норча вели дека таму нема жртви, туку дека има оштетувања на историското наследство и зградите.






