Најмалку 20 луѓе се повредени, но нема извештаи за мртви, по силниот земјотрес во Италија, со 6.6 степени по Рихтеровата скала.
Силен земјотрес утринава во 7.40 удри во близина на Норсиа, во централна Италија, уништувајќи многу згради.
Нема информации за жртви. Многу луѓе беа евакуирани откако земјотресите го погодија овој дел од Италија, од минатата недела.
Потреси беа почувствувани во главниот град Рим, како и Венеција на северот.
Геолошкиот институт на САД, рече дека епицентарот на земјотресот бил 68km југо-источно од регионалниот центар на Перуџа и во близина на малиот град на Норсиа.
Монасите од манастирот Сан Бенедето, меѓународна бенедиктинска заедница во Норсиа, твитнаа слика на базиликата Свети Бенедикт, уништена од земјотресот. Монасите се на безбедно место, соопштија, иако велат дека нивните срца се со оние кои се погодени од земјотресот.
Министерството за надворешни работи на Република Македонија информира дека засега нема информации за Македонци погодени од силниот земјотрес кој утрово го зафати централниот дел на Италија.
Од МНР велат Амбасадата на Република Македонија во Рим е во постојан контакт со надлежните институции и во моментов нема информации за повредени граѓани а воочени се само поголеми материјални штети.
Министерството за надворешни работи на Република Македонија ги известува сите заинтересирани дека за прашања поврзани со безбедноста на македонските граѓани кои во моментот се наоѓаат во Италија, можат да се обратат на дежурните телефони во Амбасадата на Република Македонија во Рим, Италијанска Република, како и во Министерството за надворешни работи.




