Рускиот амбасадор во Вашингтон Сергеј Кисљак во минатата година се сретнал со неколкумина советници на претседателот Доналд Трамп, покрај средбите со министерот за правда Џеф Сешонс, соопшти Белата куќа, наведувајќи дека амбасадорот се сретнал и со зетот на Трамп Џаред Кушнер. Контактите со Русија за време на претседателската кампања се под истрага на Федералното истражно биро и Конгресот. Кушнер се сретнал со Кисљак во декември во кулата на Трамп во Њујорк која тогаш служеше како центар во кој Трамп се подготвуваше да ја преземе претседателската функција. На средбата присуствувал и Мајкл Флин кој потоа беше номиниран за советник за национална безбедност на Трамп. Флин во минатиот месец поднесе оставка затоа што не го информирал потпретседателот Мајк Пенс за неговите телефонски разговори со Кисљак.




