Риека на Стефан Ристовски и Леонард Жута ќе игра со Олимпијакос за историски пласман во групна фаза во Лигата на шампиони по двете учества во УЕФА Европа лигата. Првиот меч е во Пиреја на 16 август, реваншот е закажан за шест дена подоцна на стадионот „Рујевица“. Во истите термини и пресметки меѓу Хапоел Бер Шева и Марибор. Воведните 90 минути од двомечот ќе се одиграат во Израел.
Епитетот дерби во плеј-оф фазата го добија Наполи и Ница, односно, Хофенхајм и Ливерпул. Италијанско-францускиот судир и германско-англискиот, според педигрето и ростерите на четирите клуба, привлекуваат најголемо внимание. Но, и поради враќање на два лика во домашни средини. Едниот е Марио Балотели кој со клубот од Азурниот брег ќе гостува на „Сан Паоло“, вториот е Јирген Клоп кој ќе ги предводи „црвените“ од „Енфилд“ на мегдан кај бундеслигашот.
Плеј-оф двојки за Лига на шампиони
Двојки за 15/23 август
Карабаг (Азербејџан) – Копенхаген (Данска)
АПОЕЛ (Кипар) – Славија Прага (Чешка)
Јанг Бојс (Швајцарија) – ЦСКА Москва (Русија)
Хофенхајм (Германија) – Ливерпул (Англија)
Спортинг Лисабон (Португалија) – ФЦСБ (Романија)
Двојки за 16/22 август
Олимпијакос (Грција) – Риека (Хрватска)
Селтик (Шкотска) – Астана (Казахстан)
Хапоел Бер Шева (Израел) – Марибор (Словенија)
Истанбул Басакшехир (Турција) – Севилја (Шпанија)
Наполи (Италија) – Ница (Франција)