Најмалку седуумина загинаа, а над 50 се повредени кога утрово се превртел трамвај во јужниот дел на Лондон, а возачот е уапсен, соопшти полицијата.
Според прелиминарните резултати од истрагата, трамвајот се движел со преголема брзина при влез во кривина.
Портпаролот на лондонската Брза помош рече дека има 51 повреден кои се префрлени во болница, а некои од нив се со сериозни повреди.
Спасувачките екипи се повикани околу 6.10 часот по локално време откако трамвајот со два вагони излетал од шините во близина на станицата Кројдон, предградие јужно од Лондон.
Во извлекувањето на жртвите учествувале осум противпожарни возила, пет специјалистички спасувачки единици и над 70 пожарникари. Притоа е користена тешка опрема.
Полицијата соопшти дека истрагата за несреќата продолжува.
Денешната железничка несреќа е најпогубната во Британија, по онаа во која во 2002 година загинаа 7, а над 70 беа повредени откако брз воз од Лондон излета од шините на станицата Потерс Бар, северно од Лондон.




