Три лица загинаа, а десетици се повредени откако воз излета од шините и удри во камион на необележан железнички премин во американската сојузна држава Мисури.

Двајца од загинатите биле во возот, а еден во камионот. При несреќата осум вагони излетале од шините.

Сè уште не се знае точно колку луѓе се повредени, но болниците соопштија дека примиле повеќе од 50 пациенти.

Во возот кој сообраќал на линијата Лос Анџелес – Чикаго имало 243 патници и 12 членови на екипажот.

Претседателката на американскиот Национален комитет за безбедност во сообраќајот, Џенифер Хоменди изјави дека е премногу рано да се шпекулира зошто камионот бил на шините и дека денеска ќе бидат истражени причините за несреќата. Возовите на таа пруга нема да можат да сообраќаат неколку дена додека трае истрагата.