Фудбалот не е за жени, ако играш фудбал си „машкоданка“, одбери некој „поженски“ спорт. Ако играш фудбал, не си женствена. Ти си жена и не можеш да носиш судиски одлуки. Ова се само дел од стереотипите со кои секојдневно се соочуваат девојките кои се решаваат да се занимаваат со овој спорт.

Општеството, од друга страна, не помага нешто многу во сузбивањето на овој стереотип. Неадекватниот и нееднаков пристап до ресурси е очигледен, како и фактот дека има недоволно жени на раководните функции во одлучувањето за овој сектор, згора на тоа, изостанува и медиумска покриеност. На сите овие предизвици се изложени голем број на девојки и жени кои се соочуваат со стигмата која често знае и да сруши нечиј сон и да влијае на нивното психофизичко здравје.

Ова го потврдува и Александра Ристовска, фудбалерка во женскиот фудбалски клуб „Тиверија“ и репрезентативка на сениорската национална селекција на Северна Македонија, која вели дека моментално во фудбалот, кој важи за еден вид „машки спорт“ што го играат сè повеќе девојчиња, нормално дека е потешко да бидеш женско отколку машко, бидејќи машките ги имаат сите привилегии, додека за женските е доста потешко да се просперира.

Фото: mia.mk

– Секојдневието нè тера да ги согледаме одредените разлики кои се однесуваат на женскиот и машкиот фудбал во поглед на трибините кои се попразни на женските фудбалски натпревари или во медиумската застапеност, која е доста помала во женскиот фудбал. Го гледаме основниот стереотип. Исто така, во поглед на фудбалерките, односно девојчињата кои се одлучуваат да играат фудбал, можам да кажам дека тие имаат многу помала поддршка од своите семејства, бидејќи сè уште родителите фудбалот го гледаат како „машки спорт“ и многу потешко се одлучуваат да им дозволат на девојчињата да играат фудбал, вели Ристовска.

Таа дополнува дека реакцијата кога ќе кажеш дека играш фудбал, кај поголемиот дел од населението е „зошто баш фудбал, има многу подобри спортови за женски“.

– Сметам дека ние што играме фудбал сме доста поборбени. Се бориме не само против нашата конкуренција, туку и против народот што е околу нас, потенцира Ристовска.

Снежана Трпевска, претседател на женскиот фудбалски клуб „Џиџи“, исто така, споделува дека отсекогаш постоело психичкото насилство.

Фото: mia.mk

– Првенствено, на секое поле, почнувајќи од средината и околината во која што некое девојче игра фудбал, наспроти спортисти кои кажуваат дека фудбалот е игра само за машки, не и женски, поради тоа што нема масовност на девојчиња, вели таа.

На нив се надоврзува и Ивана Пројковска, фудбалски судија при Фудбалската федерација на Македонија, која вели дека ако кажам дека не се соочуваат со психичко насилство, ќе излаже, бидејќи со самото стапнување на теренот, првата реченица е: „Еј, женско“.

– Автоматски, на почетокот, стереотипот се оформува, односно излегува на површина. Дали е машко или женско, тие треба да нè гледаат со исти очи, ние се појавуваме како судии, како службени лица на натпреварот, а не се појавуваме врз основа на тоа кој пол сме, вели Пројковска.

Во однос на психичкото насилство, Пројковска истакнува дека тоа секогаш постои од страна на публиката, каде што, како што вели, има различни коментари и каде што се обидуваат да делуваат над женските судии поради тоа што сметаат дека полесно можат да влијаат врз нив или ако употребат некоја сила, во форма на викање или обид за физичка пресметка, да влијаат врз одлуката што треба да се донесе преку тоа психичко и физичко насилство.

Пројковска додава дека доколку има повеќе судијки и жени играчи сè помалку ќе се среќаваме со стереотипите и можеме да ги сведеме на минимум.

– Со промена на генерациите и со вклучување на женски членови во повисоките функции за фудбалот, дали во судењето, дали општо во фудбалот, дали во репрезентација, дали во канцелариската работа во Федерацијата, што повеќе женски се вклучат, толку полесно ќе им биде за нив и патот ќе биде изграден без предрасуди и без стереотипи, заклучува Пројковска.

Со неа се согласуваат и Ристовска и Трпевска, кои што се согласни дека еднаквиот третман, сразмерната медиумска покриеност и едукацијата ќе придонесат што побрзо да дојде денот кога ќе излезат на фудбалски терен заборавајќи дека се жени.

Од психолошки аспект, ова го потврдува и Тиана Ивановска, психотерапевт во „СебеСложувалка“, која вели дека влијанието на фактот што фудбалот се смета за „машки спорт“ врз фудбалерките и нивниот понатамошен психофизички развој е огромно.

– Честопати се случува и покрај нивната огромна талентираност да не го одберат фудбалот како животна кариера само затоа што се чувствуваат недоволно соодветно. Да не заборавиме и на фактот што честопати машкиот фудбал се перцепира како поатрактивен и токму поради тоа многу поголем број на спонзори ги поддржуваат машките фудбалски клубови отколку женските. Во секојдневието секој од нас може да наброи барем по еден машки фудбалски тим, додека за женскиот фудбал не можеме да го кажеме истото, вели Ивановска.

Во врска со стереотипите во овој домен вели дека најчесто се поврзани со нивната женственост, како тоа дека се „машкоданки“, дека не се доволно женствени, дека се груби, дека се заглавени во машки свет и слично.

– Овие стереотипи предизвикуваат општествена стигматизација која со текот на годините станува сè посилна и голем дел од нив не можејќи да ја поднесат истата се откажуваат од својот избор и се насочуваат кон нешто кое што би било општествено поприфатливо, вели таа.

Со неа, еден од првите аспекти кои би можеле да бидат допрени од стигматизацијата е нивната самодоверба, како и нарушена слика за себе поврзани со перцепцијата за неадекватност и за „бивање“ недоволно добар.

– Неможноста да се занимаваш со она што вистински те исполнува и го сакаш може да предизвика длабоки фрустрации кои неретко траат до крајот на нашите животи. Поради тоа е потребно да градиме општество кое ќе биде поддржувачко за секој еден од нас бидејќи само така ќе можеме целосно да го реализираме нашиот потенцијал притоа да сме среќни со тоа што го правиме, заклучува Ивановска.

Простор за напредок има, се чека на можностите и нивната реализација

Силвија Митевска, советничка за спорт во Владата на Република Северна Македонија, вели дека спортот во женска категорија кај нас не е на задоволително ниво, но има простор за напредок.

– Знаеме дека нема доволен број на жени тренери, нема доволен број на менаџерки на женски спортски клубови, знаеме дека девојчињата понекогаш поради родови стереотипи, нормативи, не се приклучуваат кон спортот, тоа сè уште е резервирана област за момчињата и сметам дека тоа треба да го промениме, вели таа.

Митевска ги дополнува и другите бариери како нееднаков пристап до ресурси, платите, односно финансиската поддршка, како и медиумската застапеност, со што вели дека доколку не уживаме еднакви права и можности тоа е дискриминација.

– Ние целиме кон тоа да бидеме недискриминаторско општество, што значи треба да им приуштиме еднакви шанси и можности и на девојчиња и на момчиња, и на мажите и на жените. Доколку гледате дека спортот генерално е резервиран за машката популација, вие како жена немате доволно самодоверба за ова да го промените, и автоматски, нема да практикувате спорт а знаеме дека спортот е од многу причини важен, првенствено здравствени, а потоа и сите оние социјално општествени бенефити кон кои што ние се стремиме да ги исполниме, сподели Митевска.