Градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски вели дека е зачудувачки е чинот на претседателот на Советот на Општина Центар Мирослав Шиповиќ, да си поднесе оставка на крајот на мандатот.
Во писмената изјава Жерновски притоа посочува дека Шиповиќ во образложението вели дека поднесува оставка од лични причини, за подоцна да изјави дека тоа е заради лошата соработка со градоначалникот.
-Не е точно дека тој ме чекал да го примам пред канцеларија, но точно е дека соработката беше нарушена од причини добро познати на јавноста. Имено, нарушувањето на соработката беше директна последица на донесувањето на ДУП-от за Водно од страна на советниците ВМРО-ДПМНЕ и добро познатата улога на претседателот Шиповиќ во исходот од гласањето. Да потсетам дека таквото негово однесување беше во спротивност со ставот на коалицијата, предводена од СДСМ.
На така изгласаниот ДУП, со кои се дозволи градење на десеткатниците на Водно, ставив вето и го оспорив на Уставен Суд. Но, оттогаш се поминати две и пол години, прашање е зошто го чекал крајот на мандатот за да поднесе оставка, се вели во писмената изјава на градоначалникот на Центар Жерновски.




