https://www.youtube.com/watch?v=sUxNo-6XUQ4

Жителите на Тафталиџе велат дека се подготвени и со жив штит да го бранат паркчето на улицата Букурешка каде е најавена изградба на петкатница, но сепак веруваат дека општината ќе им даде шанса за дијалог.

По целодневниот пикник организиран денеска во паркчето, тие најавуваат дека од утре ќе побараат Советот на општината да овозможи месен референдум со цел да се докаже дека граѓаните тука не би сакале уште една зграда.

-Граѓаните мора да се послушаат за нивното уставно права за здрава животна средина. Планираме утре да упатиме повик до Советот на општината, да се направи месен референдум само на Тафталиџе 1, па конечно и тие да покажат волја  дека може нешто да се реши со луѓето кои треба да одлучуваат за својата иднина. Тука се во план социјални станови, мислам, локација каде цените се големи, кој ќе поверува дека становите се социјални?, вели Иван Менкиноски од иницијативата „Зелено Тафталиџе“.

Со музика и скара, различни генерации на жители од околните згради денеска организираа собир  со цел да се покаже дека ова зелено паркче е неопходно.

-Протестираме да не се изгради зграда во овој парк, бидејќи е еден до ретките во Карпош. Ваква површина е греота да се уништи, има други места за згради не мора тука. И порачуваме на локалната власт да го остави паркот, вели жител на Тафталиџе кој на собирот дојде со своето неколкумесечно бебе.

Граѓаните на Тафталиџе досега во неколку наврати успеаа со жив штит да ги спречат работниците со механизација да отпочнат со изградбата. Жителите веќе се организирани и во дежурства во повеќе смени, во зависност од тоа кој колку може да го надгледува паркот, за не се дозволи да се изгради новата петкатница.

Од друга страна од Акционерското друштво за Стопанисување со станбен и деловен просторпред неколку дена порачаа дека изградбата нема да биде откажана и дека тие поднеле кривична пријава против непознат сторител за спречувањето на почнување на градежните работи и очекуваат во рок од една недела Обвинителство да утврди одговорност за граѓаните кои го бранеа паркот.