НОВА го објавува интервјуто со Дарко Марковиќ од 2012 г., направено по повод враќањето на Пецко на страниците на тогашниот дневен весник „Ден“. Со него разговараше Миодраг Мишолиќ.

Од 14 март, читателската публика повторно има можност да се дружи со Пецко.  Овој пат, тоа е во новиот дневен весник „Ден“, каде легендарниот аниматор, сатиричар, карикатурист, режисер итн итн, Дарко Марковиќ го смести својот најпознат лик, создаден пред 33 години. Тоа е повод за интервју со него…

Ова е трет кам-бек на Пецко, односно „Ден“ е неговиот четврти „дом“, по „Нова Македонија“, „Дневник“ и „Време“. Се разликува ли по нешто ова враќање под претходните?

– Од  аспект на содржината и на моите ставови – не. Исто така, повторно сум на последната страница, иако говорам за теми кои се за насловна, но моето постојано место е таму, на крајот, како финале. Или како почеток, за оние што го читаат весникот по обратен редослед. Ако пак, зборуваме за општествениот амбиент, тој не е ист. За жал, постојано се движи надолу, иако јас би сакал да тргне нагоре. Затоа и го цртам Пецко. Условите се променети и во смисла на тоа колкава е слободата да се искаже сопствената мисла и она што вие го сметате за вистина. Новинарството, воопшто, е прилично заплашено од сите настани што околу него се случуваат во последниве година-две. Меѓутоа , јас не сум во ситуација да се плашам, па си го терам своето. Покрај тоа, сметам дека само така можам да се одржам во овие немирни води, а и не сакам да ги менувам своите принципи во осмата деценија од животот. Драго ми е што се појави весник, предводен од млади луѓе, кои и во денешните тешки финансиски услови ми овозможуваат одреден хонорар, за доста напорна работа, како што е секојдневното цртање и смислување идеи од општествено-политички карактер. Тоа се идеи поради кои во животот имам стекнатно многу почитувачи и пријатели, но и заради кои сум губел пријателства и ми се затворале вратите на важни луѓе. Живеам исклучиво од тоа што го цртам и што ќе го добијам како финансиски надомест за таа работа. Иако ги имам сите можни домашни награди – и октомвриски и ноемвриски, како и 30-тина меѓународни, јас не побарав национална пензија (која веројатно би ја добил), само затоа што сакам да бидам слободен во својата мисла и да не ми пречи ништо во моето искажување за она што сакам да и  го соопштам на јавноста.

Кога престана да излегува „Време“, со оглед на начинот на кој се случи тоа, дали помисливте дека дојде крајот на Пецко?
Не размислував многу за тоа, зашто дури и да исчезне од весниците, Пецко ќе постои во мене. Додека сум јас жив и тој ќе биде жив, а можеби и подолго, ако се најде нешто што ќе продолжи да го работи. Имаше ли понуди од постоечките весници?

– Ниту една. Апсолутно никаква. Дури немав ни свртен телефон, да ме праша некој, зошто не излегува. Веројатно претпоставуваа дека ја знаат причината за тоа и се плашеа да не бидат откриени, па да се соочат со реперкусии.

Нашата јавност е исплашена повеќе од мене. Јас си го познавам својот народ и знам дека е така, што е многу жално. Еден толку популарен јунак да го снема по 30 години, и никој да не рече ништо. Ниту колега, ниту пријател, ниту сосед… Никој не праша: зошто го нема Пецко? А, камоли некоја редакција да ме повика и да побара соработка. Само овие млади момци, кои сега покренаа весник, најдоа потреба да го вратат Пецко назад.

Во ова време на пауза, се собра ли кај Вас голема инспирација?

– Да бидам искрен, во изминатата година не цртав баш многу. Го искористив тој период за да напишам некои книги, кои одамна ги имам во план. Тие се според формата романи, но со автобиографски карактер, бидејќи произлегуваат од мојот живот и од она што ми се случувало. Човек сум кој доста патувал низ светот и бил во контакт со интересни луѓе, често пати многу познати, па верувам оти тоа ќе биде интересно не само внуците да се запознаат со животот на нивниот дедо, туку и за пошироката читателска публика. Особено што темите кои ги обработувам се универзални. Исто така, го искористив времето да се одморам, да ја посетам мојата ќерка, која е омажена во Америка и живее таму, а во САД е и брат ми. Имав потреба од тој одмор, зашто прилично беше напорно и трауматично да се преживее сето тоа кога беа затворани „А1“, „Време“, „Шпиц“ и „Коха е ре“. Не може таквите случувања да не остават трага врз човекот. Меѓутоа, ги убедувам сите дека тоа не ме направи огорчен и пристрасен човек, туку ќе го задржам истиот стил од порано. Веќе имам доволно големо искуство за да ја знам мерката. Сум поминал низ разни политички системи, периоди и земји. Се родив и израснав во една држава и во едни услови, а сега живеам и работам во сосема други, иако спијам во истиот кревет (се смее). Моја главна професионална опсервација отсекогаш била и ќе биде власта. Од нејзините одлуки ни зависи животот и иднината. Затоа, нашите сатиричарски лупи и острици, пред се’ треба да бидат насочени кон луѓето кои ни ја кројат судбината.

Од настаните што се случија во последнава година, за кои особено Ви е жал што пропуштивте да ги искоментирате?

– Ние сме во период кога секој ден се случува нешто, кое може да се нарече глупост. Додека се подготвував за ангажманот во „Ден“, нацртав околу 25 „Пецковци“ во период од две недели, како вежба, за да се вратам во форма. Сега кога ги гледам тие стрипчиња, сфаќам дека ни еден од нив не ја загубил својата актуелност, што значи дека истите работи ни се повторуваат постојано. Инаку, ако треба да извдојам нешто што посебно ми пречи и би сакал да реагирам, тоа се новоизградените објекти од проектот „Скопје 2014“.  Мислам дека во последниве години не ни се случило нешто поапсурдно.

Ова го велите како архитект или како граѓанин?

– И како архитект, и како граѓанин, и како интелектуалец, ако можам да се наречам така. Тоа што го гледаме на и околу плоштадот во Скопје е производ на некои забегани и искомплексирани умови, на кои не им е доволна сегашноста, и наместо да одат во иднината, се упатиле кон некое минато, кое ни за самите нив не е доволно испитано. Тоа минато е, дефинитивно, како историја усвоено од целиот свет, а ние сега сакаме да го менуваме, и бараме поддршка за тоа. За такви егзибиции светот не е заинтересиран. Треба да откриеме многу нови работи за да го докажеме спротивното или да си молчиме и да си бидеме она што сме: симпатична, мала држава и нација, која светските простори ќе ги освојува со вредностите што несомнено ги поседува, од спортот до уметноста. Треба да се концентрираме на творештвото и таму да ги бараме успесите, а не во плагијати и копии на нешта кои многу одамна ги правеле други, често пати големи тирани и фашизоидни личности, влезени во историјата како негативци.

Овој разговор го водиме еден ден откако беа соопштени пресудите во случајот „Пајажина“. Како човек кој соработувал со медиумите на „Перо Наков“, со каква емоција ги слушавте годините затвор што беа досудени?

– Јас годините ги знаев уште во јуни минатата година, бидејќи во моето соседство, на улица Дебарца, беше сместен некој маалски штаб на владејачката партија, пред кој ставија некаква клупа и од каде слушав колку години ќе добијат затворените од тој случај. Пресудата за Велија Рамковски ја „погодија“ апсолутно точно. Девет месеци пред да биде изречена. Тоа значи дека била одредена многу порано и на друго место, што дефинитивно и’ дава политички карактер, базирана на одмаздољубивост. Не сакам да се мешам во судската работа, но факт е дека стилот на кој Велија го водеше својот бизнис беше толериран од нашите власти, без оглед на партијата, затоа што им одговараше да ги држат во раце газдите на медиумите и да ги користат за своите политички потреби. Инаку, јас соработував со „А1“ и „Време“ секогаш преку Авторската агенција, која е мој застапник и сите хонорари ми беа со договор и платен данок, така што немав никаков страв за евентуална моја одговорност.

Го доживувавте ли, Ви лично, Рамковски како контроверзен човек?

– Ние се познаваме одамна. Кога ја формираше „А1“, јас живеев во Лондон и тој дојде таму за да му помогнам околу набавката на опрема и купувањето серии и емисии. Додека соработував со неговите медиуми, немавме многу контакти или дружба. Се гледавме еднаш до двапати годишно. Повеќе од тоа, ако случајно се сретневме во Охрид. Го доживував како динамичен човек, кој оди по работ на чесната работа. Но, неспорно е дека имаше „нос“ за вкусот на публиката. Затоа создаде медиуми кои станаа водечки. Исто така, она што не’ зближува е неговата верба во граѓанското општество, за кое сум и јас. Кај него не беше важно на која нација, вера или животна филозофија припаѓаш. Во крајна линија го сметав за позитивна личност затоа што не го доживеав како човек, на кого парите му се опсесија. Не уживаше во богати работи. Да одевте на ручек со него, покрај огромниот избор јадења, тој ќе нарачаше десет ќебапчиња. Можеби правел нешто за што јас не знам, околу неговата куќа, или обезбедувањето на децата со имот, меѓутоа како личност не беше грамзив.

Во секој случај, сметам дека власта направи голема грешка со затворањето на медиумите. Тоа можеше да се реши на друг начин, како што се прави во светот за избегнување данок – со плаќање пенали. Ќе платите повеќе од она што сте требале да го платите навреме, нешто ќе ви се одземе, нешто ќе ви се ускрати од дејноста, но нема да се гаснат куќи кои добро функционираат и чие затворање ќе ја компромитира државата, бидејќи покажува дека таа не дозволува слободно новинарство. Но, тоа е направено и сега тешко ќе го испереме. Јас сум човек кој контактира со странци во Скопје, и ниту еден не го оправдува тој гест на владата, иако не го кажуваат тоа јавно, што е разбирливо заради дипломатската природа на нивната работа.

Контактирате со странските дипломати, а што е со домашните политичари?

– Со нив не, воопшто. И во минатото, многу ретко. Еднаш ми се јави еден од НИВ, за што пишувам во првата книга, која ќе ја објавам. Јас бев на одмор во Охрид, и на плажа ми заѕвони телефонот, а секретарката од неговиот кабинет ми рече: „Премиерот сака да зборува со Вас“. Ме нападна заради Пецко, објавен истиот ден, во кој тој беше засегнат. Ми се изразвика, јас го ислушав и заврши разговорот. Името не го наведувам, но ќе ви ја кажам годината – летото 2005. Тоа е единствениот премиер што ми се јавил. За разлика од него, Љубчо Георгиевски, кого најмногу сум го критикувал и исмејувал, никогаш не реагираше. Дури и денес, кога ќе се видиме, што е релативно ретко, редовно прашува: „Дарко, кога имало најмногу демократија во македонските медиуми?“ Му велам: „Во твое време“. Освен што негови пијани поддржувачи ги скршија стаклата од мојата галерија и фрлаа јајца низ отворените прозорци од мојата куќа (се смее). Сепак,  директни јавувања немаше, како ни закани кои сериозни би ме подзамислиле. Тоа е факт. Притисоците и пораките може да бидат посуптилни, а потешки. Не мора лично да имате проблем, но може вашите деца кога ќе се обратат до државен орган, или ако ви затреба некоја градежна дозвола и нешто слично.

Дали има важен политичар во изминатите три ипол децнии, кого не сте го пецнале?

– Нема. Јас и Тито го пецкав, иако него преку симболи. Не го цртав директно, но тој што знаеше да чита меѓу редови, сфаќаше за кого се однесува. Но и тогаш немав проблеми какви што имам сега.

Се каете ли за некоја карикатура? Дали мислите дека некогаш сте претерале?

– За луѓето кои се на моќни позиции – не. Јас сметам дека политичарот, со самото тоа што се нафатил да биде на таква јавна функција, мора да е свесен дека ќе има разни реакции, па дури и непријатни карикатури. Се каам за една, во која ставив во непријатна ситуација членови од сопственото пошироко семејство. И тој беше на министерска функција, но и роднински поврзан со мене. Со тоа семејство и по толку години не се зближивме повторно, и за тоа ми е криво.

Имате 72 години и се’ уште сте најдобриот аниматор и сатиричар во Македонија. Што се случува со вашата професија? Каде се младите сили? Вие на 37 години со филмот „Каша“ освоивте „сребрена роза“ во Монтре, односно второ место (први беа „Мапет шоу“) на најголемиот фестивал за телевизиска програма во светот.

– Кога ја добив „розата“ во Монтре, веднаш стигна покана од Академијата во германскиот град Есен, да предавам на нивниот отсек за анимација. Не заминав од семејни причини. Овде никој не ми понудил такво нешто. Работев на Ликовната академија во еден период, но тоа беше многу кратко. Сега слушам дека има нов факултет за анимација, меѓутоа и од таму никој не ме повикал. Не знам зошто.

Што се случува со анимацијата во Македонија?

– Ја нема, не постои. Воопшто во филмската продукција денес имаме една голема лага. Она што се прави како филм, и за што читаме дека имало „многу забележана проекција“ на некој фестивал, всушност е само информативно прикажување. Не може да биде нешто релевантно и забележано кога е во иста категорија со други 400 филмови. Онаку каде што се оценува квалитетот, каде се доделуваат награди, таму имате натпревар на 20-тина наслови. Ако ве прикажеле заедно со други 400 или 500, не може да речете дека е тоа заради високиот квалитет на вашето дело. Тоа не се успеси. Што се однесува до мојата бранша, денес за анимација се смета учество во странски проекти и правење одреден број кадри, за кои не го знате ниту насловот на филмот, ниту сте ги виделе ликовите. Добивате задача по интернет, односно готов кадар, за кој ви кажуваат конкретно што да направите на него – да го обоите или нешто слично. Тоа воопшто не е лесно и јас максимално го почитувам, но не е правење анимиран филм – со приказна, почеток, заплет, крај, ликови… Пред 30 години, со друга технологија (не компјутерски), и јас сум правел такви интервенции во нечии туѓи дела, од големите филмски центри, за што сум бил солидно платен, меѓутоа не бев автор на тие филмови. Такви екипи имаше во Унгарија, Бугарија, Црна Гора… На студијата им одговара тој начин зашто така се забрзува процесот на работа. Дај Боже некој од тие дечки да се замисли, да дојде до сопствена идеја и утре да направи вистински анимиран филм во Македонија. Во моментов го немаме тоа. Во 1977 година, „Каша“ беше првиот филм во кој беа направени цртани музички спотови. Дури неколку години по мене дојдоа „Ем-ти-ви“ и некои други. Тоа беше за своето време нов израз во телевизискиот пристап кон музиката. Денес е сосема друго, бидејќи во меѓувреме се правеа и се прават бравурозни спотови. Може повторно да имаме успех смао ако се се појавиме со бравурозна идеја, нешто оригинално и соодветно на денешното време.

Кој Вас ве поддржуваше да може да ги реализирате своите идеи?

– Седумдесетите години се време кога во Македонија постоеше концепт. Луѓето на моќни позиции сакаа да излегува квалитет од овие простори, да се покажеме во што подобро светло. Ако не знаевме самите како се прави тоа, се угледувавме на други. На пример, мојот почеток беше по углед на славната Загрепска школа на цртаниот филм. Мене ме прими оскаровецот Душан Вукотиќ и една година ме обучуваше, за да и’ помогне на братската Република Македонија, која има филм, но нема цртан филм. Подоцна загрепчаните се каеја што не’ обучија, бидејќи ги победувавме на фестивалите (се смее), и јас и моите колеги. Денес, кој да мисли на тоа, кога се мисли само на „политика“? А политиката е токму во тие работи – да ги ангажираш младите да создаваат нешто и така да ја афирмираат земјата, наместо да се чукаат во гради: „излези момче на тераса…“. Јас во „Каша“ никаде не ја споменувам Македонија со име, но филмот се продаде во 30 земји и секаде прашаа: „Од каде е овој филм?“, „Од Македнија е“. Немав потреба јас да викам преку мегафон „јас сум Македонец“. Делото го викаше тоа место мене. И тогаш не се заборава. Во свет не може да излезете со приказна за  тешкиот живот на македонскиот народ, и да очекувате дека ќе ве сфатат. Мора во тој „тежок живот“ да има нешто што е заедничко со другите за да бидете гледани. Јас ги користев славните светски музичари, како Реј Чарлс, за да ја  претставам Македонија.

Вие сте единствениот Македонец, кој бил кај Чарли Чаплин дома…

– Да, тоа беше една од привилегиите на успехот на „Каша“. Монтре е гратче во Швајцарија, а Чаплин живееше во соседното Вервеј, па нас лауреатите на фестивалот не’ однесоа во неговата куќа да не’ запознаат со големиот уметник. Тој излезе со својата инвалидска количка и лично не’ прошета низ огромниот двор покрај Женевското езеро, во кој секое дрво беше озвучено со музиката од некој славен композирот – Шопен, Шуберт, Лист, Бетовен… Тогаш му реков: „Јас не сум толку богат како Вас, живеам во Скопје и имам покрај куќата еден бор (кој се’ уште стои на своето место), и на него две-три птички ми пеат секое утро. Чаплин се насмевна и ми рече: „Млад господине, да можам сето ова што го имам би го дал, за еден таков бор со три птички, меѓутоа веќе сум премногу стар за да садам дрва“. Почина три месеци подоцна.

Да за вратиме во сегашниот момент и на актуелна тема. Каков е Вашиот став за ЕУ. Дали ни е местото таму?

– Задолжително. Само така може да се справиме со она што ни се случува. Не заради тоа што ќе имаме повеќе пари. Многумина влегувањето во Европа го сфаќаат само како материјална помош. Не, тоа не е примарното. Многу е поважно што ќе се променат нашите вредносни критериуми. Ако вистински се отворат гранциите и почнеме да живееме како во една држава, јас нема да се плашам дали некој ќе ми го затвори весникот овде, туку тие ќе мислат како да ме задржат.

Во поранешна Југославија, кога се разидов со уредништвото на „Нова Македонија“, опстанав работејќи насловни страници за „НИН“ и илустрации за „Старт“. Немав проблем да преживеам, зашто имаше поголем пазар. Сега, каде ќе одиш ако се скараш со некого, особено со власта? Токму затоа, има луѓе кои не сакаат да влеземе во Европа, за да останат во сопствената лага, во затворено општество, без критериуми и без вредности. Кои се овие јанковци и миленковци? Можеа ли тие да бидат новинари во времето кога постоеја стандарди? Па, и заради физиономијата не ќе им дозволеа да излезат на екран. Не сакам да ги навредувам, но тоа е голема вистина. А, власта нив ги избрала да и’ бидат гласноговорници. И од тоа може да сфатите каде сме и зошто се одбива идејата за Европа и за НАТО. Во поголема средина критериумите те тераат да бидеш поквалитетен. Јас не смеев во 1977 година да направам полоша емисија од другите што излегоа во Југославија. Ако беше полоша, друга ќе одеше во Монтре. Значи, морав да се усогласувам во тие стандарди, а во овој случлај мора да мислиш на европските. Па полека, луѓето ќе се трудат, ќе растат и ќе дојдат до посакуваното ниво. А кога ќе дојдеме до тоа ниво, ќе имаме подобра држава, и ќе живееме побогато.

Исмевајќи ја социјалистичката демагогија за „подобра иднина“, во тоа време го лансиравте афоризмот „Тумору вил би бетер“. Дали денес мислите дека утре ќе биде „бетер“?

– Првпат во животот, јас сум песимист, затоа што имам чувство дека вршиме национално самоубиство. Може ли да сфатите народ од 1,3 милиони луѓе (етнички Македонци во Македонија), да негува национализам? И тоа според теркот на веќе испробаните национализми, за кои знаеме од историјата дека завршиле катастрофално за самата нација.

Е сега ние, помали од една општина во Лондон, се прогласуваме себе за основачи на светската цивилизација. Со тоа го труеме народот, и нашите внуци, бидејќи веќе е влезено во учебниците, и тоа по географија, дека се’ почнува од нас. Кога на таков човек ќе му кажеш дека е светот многу поголем и баш оти не почнува од нас, тој е подготвен да тепа. И ние веќе тепаме. Истото го правеа и оние во Германија, во 30-тите години. На крајот, иако беа многу голема сила, завршија во урнатини. Ние нема да завршиме во физички урнатини, но во морални и ментални секако. А зошто? Поради која причина? Каква корист ќе имаме? Нашата иднина е во граѓанското општество, кое од сите етникуми ќе го избира најдоброто. За тоа треба да сонуваме, а не за солунско поле. За жал, тешко ми е да бидам оптимист. Треба да сте тотално политички неписмен и слеп за да не видите кон што води сегашната политичка практика кај нас. Многу ми тешко што ќе мора да одговорам вака, но денес мојот некогашен афоризам би напишал на латиница и би гласел: „Tomorrow will be worst“ (Утре ќе биде најлошо).