Со голем концерт на битолчаните ФОЛТИН, од утре 23 декември па сѐ до новогодишниот дочек на 31 декември, платото пред неодамна реконструираниот Офицерски дом ќе биде претворено во празничен плоштад на кој 9 денови под отворено небо ќе се случува програма насловена како “Зимска приказна”.

57 различни проекти, во кои ќе настапат музички групи, редица ДЏ, театарски претстави, учесници на детски музички фестивали, а ќе се одржуваат и работилници во збирно над 60 часа активна програма, ќе ги анимираат битолчани во претпразнична атмосфера. Сите ангажирани учесници се избрани на јавниот конкурс кој го објави Општина Битола, неодамна кој побуди голем интерес, мотивирајќи ги сите локални артисти да се пријават, со цел да се поддржи нивната уметничка работа, особено во годината кога заради протоколите имаа ограничен број на ангажмани.

На оваа локација ќе имаат можност и малите бизниси, како што се занаетчиите, селектирана угостителска понуда и анимација да се промовираат, нудејќи придружна понуда која ќе асоцира на празници и славење.

Во листата на изведувачи покрај Фолтин се Паркети, Боеми, Ние запирка другарите, Фонтана и други, десетици битолски диџеи, Камерниот оркестар на Битола, Дувачкиот оркестар, актери, театарски претстави и редица други изведувачи.