Снежната голеада на „ХДИ арена“ им припадна на фудбалерите на Баер Леверкузен. „Фармацевтите“ со 3:2 славеа на гостувањето кај Хановер во 25. коло во Бундеслигата и ги одржаа шансите за место во групната фаза во шампионската лига на УЕФА за наредната сезона.
Мечот во Хановер беше во прекин од неколку минути во финишот на првото полувреме поради обилни врнежи од снег. По меѓусебната консултација на официјалните лица и со претставници на двете екипи, сепак, се одлучи играта да продолжи, а во тешките временски услови на крајот подобро се снајдоа гостите од Леверкузен.
Двата гола на Кевин Фоланд во 13. минута и во 28. минута за Баер, домашните ги поништија во вториот дел преку Жонатас во 51. минута и на Висер (автогол) во 73. минута. Победникот беше решен на три минути до крајот на средбата за што се погрижи Хаверц.
Леверкузен е петти на табелата со 42 бода, четири помалку од Борусија Менхенгладбах и од Лајпциг на третото, односно, четвртото место. Рамо до рамо на врвот се Баерн Минхен и Борусија Дортмунд со 57 бода.
Бундеслига, 25 коло
Хановер – Баер Леверкузен 2:3
Хофенхајм – Нирнберг 2:1
Мајнц – Борусија Менхенгладбах 0:1
Баерн Минхен – Волфсбург 6:0
Борусија Дортмунд – Штутгарт 3:1
Фрајбург – Херта 2:1
Лајпциг – Аугсбург 0:0
Вердер – Шалке 4:2
Фортуна Дизелдорф – Ајнтрахт Франкфурт (понеделник, 20.30 ч.)
Табела: Баерн Минхен 57, Борусија Дортмунд 57, Лајпциг 46, Борусија Менхенгладбах 46, Баер Леверкузен 42, Ајнтрахт Франкфурт 40 (-1), Волфсбург 39, Хофенхајм 37, Вердер 36, Херта 35, Фортуна Дизелдорф 31 (-1), Фрајбург 30, Мајнц 30, Шалке 23, Аугсбург 22, Штутгарт 19, Хановер 14, Нирнберг 13.