Од:

Панама документи: Миленичето на власта, од плејбој до тајкун

Јордан Камчев, контроверзен бизнисмен близок до круговите на владејачката партија, долго време се сомничи дека користи офшор компании за да го сокрие своето богатење преку зделки и бизниси овозможени од владата. Документите од Панама за прв пат овозможуваат доказ за негово директно сопствеништво во една таква компанија – „Десимарг Лимитед“ основана на Бахамите.

panamapapers_1

Пишуваат: Сашка Цветковска, Маја Јовановска, Кристина Озимец (Редакција за истражувачко новинарство и известување за корупција на НОВАТВ)

Десимарг Лимитед е „родена“ три дена откако Кристина Папаицовау, администратор во „Консулко“, консултантска фирма од Кипар, ги контактираше Мосак Фонсека во јануари 2014 година.

„Консулко“ испорачала директори и сопственици на уделите – во суштина само имиња на хартија чија цел е да ја сокријат личноста која е вистински сопственик на оваа компанија.

Мосак Фонсека, адвокатската компанија која ја регистрирала „Десимар Лимитед“, според законите треба да ги идентификува крајните корисници, односно сопствениците, како и целта и дејноста на компанијата, но никогаш не го сторила тоа. Ова откритие доаѓа од базата од 11,5 милиони интернационални документи популарни како Panama Papers кои ги доби германскиот весник Зидојче Цајтунг и ги сподели со Интернационалниот конзорциум на истражувачки новинари заедно со Проектот за известување за организиран криминал и корупција (OCCRP) којшто во Македонија работеше со НОВАТВ.

Во јули 2015 „Десимар Лимитед“ веќе си ја отслужува својата цел и Консулко покренува ликвидација. Тоа е воедно и првиот пат како Јордан Камчев се идентификува како сопственик.  Агентите од Консулко им пишуваат на Монсак Форсека дека ќе покренат ликвидација на компанијата, но прво го менуваат директорот. Нов директор на 9-ти јули станува Ненад Јосифовиќ, личност која во моментов е член на надзорниот одбор на Стопанска Банка – Битола, член на управниот одбор на ГТЦ, како и човек кој со години врши менаџерски функции во компаниите кои се дел од Орка Холдинг, компанија на семејството Камчеви. Во истиот ден кога Јосифовиќ е назначен за директор на компанијата „Десимарг Лимитед“ од Бахами, тој го именува Јордан Камчев за ликвидатор на фирмата, како што се гледа од масата документи кои со НОВАТВ беа споделени од партнерите.

Во документ од 9-ти јули, во изјава која Камчев ја дава лично како ликвидатор, пишува „Јас, како единствен сопственик на Десимарг Лимитед“. Ова се документи кои се потребни за Монсак Форсека да ја може да ја заврши процедурата за ликвидирање на компанијата во бахамскиот регистер.

foto odluka za imenuvanje kamcev likvidator

Таинственоста на Камчев и одлуката да го сокрие својот идентитет  користејќи услуги од кипарската Консалко која со свои фирми го крие неговиот идентите и не е изненадувачка, ако се имаат во предвид бројните скандали кои инволвираат офшор компании, а кои неговото име и бизниси го врзуваат со најмоќните луѓе во власта. Но, документите од Панама го нудат првиот доказ дека работењето во офшор не е никаква непознаница за Јордан Камчев.

Не е познато за какви цели е користена компанијата „Десимарг Лимитед“, но во еден дел од емаил преписката со Монсак Форсека, тие ја споменуваат Македонија. Од Консалко бараат низа документи кои се потребни за да се ликвидира „Десимарг Лимитед“, кои пак, ги бара бахамскиот регистер, а помеѓу нив пишуваат дека им се потребни „листа на активностите во земјата кои се вршат во холдинг компанијата, Македонија“. Од истиот емаил дознаваме дека сметководствените податоци за „Десимарг Лимитед“ се чуваат во Никозија, Кипар.

 

Foto Makedonija

 

Јордан Камчев никогаш во јавноста не се огласил за прозивките за негова инволвираност во офшор компаниии. Тој ретко дава интервјуа, но во едно скорешно интервју за телевизијата 24 вести тој изјави дека за неговиот успех во бизнисот не била заслужна владејачката партија, како и дека неговото блиско пријателство со Сашо Мијалков било искрено, а се друго биле озборувања.

Еволуцијата на кралот на текстилот

Новинарите кои пишуваат за неговите бизниси често го нарекуваат Камчев „владино милениче“.

Неговиот лајф стајл на плејбој беше актуелен во минатите години, а ги вклучуваше и неговите три брака кои често го полнеа жолтиот печат – од кои два со истата жена – ќерката на поранешниот градоначалник на Скопје и влијателен бизнисмен Трифун Костовски, Олга Костова.

Македонските барови често ги затвораат вратите од своите локали за забави до зори кога Камчев  доаѓа, со цел забавата да се држи подалеку од очите на обичниот свет.  Во ноќните седенки често е вклучен и неговиот близок пријател Сашо Мијалков, поранешен директор на тајната полиција и прв братучед на поранешниот премиер Никола Груевски и претседател на ВМРО ДПМНЕ.

Јордан Камчев е директор на Орка Холдинг, компанија основана во раните 90-ти од неговито татко Илија Камчев. Претходно, Илија Камчев беше генерален директор на компанијата во државна сопственост „Македонија Спорт“ која подоцна се приватизираше и пропадна. Неговата „Орка“ брзо растеше и се претвори во еден од најголемите производители и увозници и извозници на облека.

 

kamcev (1)

Но, не беше се блескаво и сјајно со „Орка Холдинг“. Компанијата беше во центарот на истраги помеѓу 2004 и 2006 година и Јордан Камчев се сомничеше за затајување на данок, илегални вработувања и мултимилионски даночни измами.

Откако судот одобри налог за негово приведување, Камчев во 2005 избега во Бугарија, за кон крајот на истата година да се врати и да се пријави самиот во полиција. Тогаш помина 12 часа во притвор и излезе со кауција од 70,000 евра.

Во август 2006 година Никола Груевски ја формираше новата влада по победата на ВМРО ДПМНЕ во јули истата година. Со промената на власта исчезнаа и проблемите на Камчев и јавноста никогаш повторно не слушна за било какви истраги поврзани со него и неговите бизниси.

Оттогаш, наместо да се социјализира со поп пејачи и манекенки, неговиот нов живот вклучуваше забави со шефот на тајната полиција, кафеански седенки со државниот обвинител, пратеници, министри. А неговата компанија порасна во една од најголемите бизнис империи во државата.

Во 2010 година тој, заедно со поранешниот дипломат Срѓан Керим и српскиот бизнисмен Веселин Јевросимовиќ  ја купија компанијата „Македонија медиа принт“ која е издавач на дневните весници „Дневник“, „Вест“, „Утрински весник“, порталот „Телеграф“, како и на низа забавни и спортски медиуми. По продажбата, едни од најугледните македонски медиуми се претворија во бесрамни алатки на владината пропаганда. Но, започнаа да добиваат и многу владини реклами, милионски тендери кои ја вклучуваа печатницата „Графички центар“ на Камчеви, а истовремено се јавуваа и како донатори на рекламен простор за ВМРО ДПМНЕ на изборите во 2013 година.

Денеска Камчев преку Орка Холдинг поседува хотели, градежни компании, млекарници, мелници, земјоделски комбинати, текстилни фабрики, ресторани, болници. Некои од овие компании добиваат тендери вредни десетици и десетици милиони евра. А во многу од овие компании тој често настапува заедно со мистериозна офшор компанија од Лугано, Швајцарија која индиректно може да се поврзе и со неговиот пријател Сашо Мијалков. Зделките на овие фирми често се поврзуваат со злоупотреба на моќ, трговија со влијание и корупција.

Мистериозниот партнер

Во март 2014, опозициската партија СДСМ ги обвини премиерот Никола Груевски и неговиот братучед и поранешниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков дека имаат удел во фирмата Ексико, офшор компанија инкорпорирана во Лугано во Швајцарија, како и дека ја „држат во заложништво целата економија во Македонија“.

Ексико и Орка Холдинг се појавуваат заедно во бројни државни зделки или пак купуваат акции во истите компании. Двете компании имаат значајна добивка од владините тендери и владино спонзорираните зделки.

На пример, Ексико и Орка Холдинг заедно го поседуваат ЕК-ОР, кој преку серија на трансакции кои инволвираат офшор компании, купи парцела на главниот плоштад во Скопје. Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ преку општина Центар овозможи промената на урбанистичките планови за да започне со градба осумкатниот хотел ИБИС.

Ексико е сопственост на T&MJ investments Ltd. Во минатото оваа фирма беше менаџирана, помеѓу другите, и од двајцата номинирани директори Емилио Бинда и Капрани Умберто. Истите луѓе се појавуваат како директори на фирмата од Панама, Тасига Корп, која од Мијалков ја купи неговата компанија Миртланис СРО регистрирана во Прага, Чешка. Емилио Бинда, едновремено беше и неизвршен член на управниот одбор во фирмата која денеска е познатта како КАРА АД, во сопственост на Орка Холдинг и семејството Камчеви.

Миртланис СРО, основана во март 2014, поседува плац од 15,280 метри квадратни во скапата област на Прага наречена Велеславин. Подоцна Мијалков ја префрли сопственоста на Тасига Корп. Во исто време, тој беше шеф на тајната полиција и беше обврзан да го пријави сопствеништвото во Анти-корупциската комисија. Тој тврдеше дека не го пријавил, бидејќи вредноста била премногу мала. Исто така тој ја префрли вредната земја на свое име.

Долгогодишниот директор на фирмите на Мијалков, Горан Гацов, остана директор и откако заврши трансферот на сопственоста.

Ексико и ОРКА исто така поседуваат заедно плац од 4,514 метри квадратни во ексклузивната населба Водно, само два километри од центарот на Скопје, дом на дипломати и многу богати луѓе. Плацот беше дел од контроверзниот скандал со прислушкување.

Во февруари 2015,  стотици прислушкувани снимки од наводни разговори од разни  функционери, вклучувајќи го и премиерот Никола Груевски и некои од неговите министри, беа објавени од Зоран Заев, лидерот на главната опозициска партија, СДСМ, која тврдеше дека ги добила од „свиркачи“ во тајната македонска полиција. Снимките вклучуваат повеќе од половина милион разговори, кои се одвиваат од 2007 до 2013 година.

Во една од снимките која го вклучува гласот на Груевски и тогашниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, се дискутира како илегално да се обезбеди легална градба на земјиште кое треба да се пренамени како градежно. Опозицијата тогаш објави документи кои потврдуваат дека 17,000 метри квадратни земја на елитното Водно е купена како лозје од фирма од Белизе чиј директор е кумот на Груевски (11,500м2), како и компаниите Ексико и Кара АД.

 

Од промената се офајдија не само Ексико и Орка Холдинг, туку и Ристо Новачевски, добар пријател на Груевски и државен службеник. Подоцна, овие две фирми ја купија „Сирах Инжинеринг“, формирана на Белизе чиј директор беше кумот Ристо Новачевски, па земјата прејде во нивна сопственост.

Орка Холдинг и Ексико заедно поседуваат акции во градежната компанија, Бетон-Штип, млекарата Здравје-Радово, земјоделските компании Жито Полог, Пелагонија ЗК Скопје АД Петровец.

Бетон-Штип доби седум тендери кои вредат 55 милиони евра како дел од огромниот контроверзен проект „Скопје 2014“. Земјоделскиот комбинат ЗИК Пелагонија доби 6.5 милиони евра во државни субвенции во последните четири години откако станаа акционери.

Ексико и Орка Холдинг исто така поседуваат 50 проценти од компанијата Масив Констракшн. Тие поседуваат 3,528 метри квадратни во општината Аеродром.

Плацот не е наменет за градежни цели, но пред неколку недели општината објави нов урбанистички план кој ќе го промени плацот во градежен, со можност за изградба на зграда од десет ката, по што протестираа дел од жителите на оваа населба. Во моментот, земјата е парк и тие велат дека сакаат да го зачуваат зеленилото, наместо да биде претворено во згради, спротивно на сите урбанистички планови.

НОВАТВ се обиде да стапи во контакт со Јордан Камчев, но тој не одговараше на нашите повици и пораки.

 

 

 

 



Comments are closed.