Специјалниот суд во Белград го осуди поранешниот шеф на српската Државна безбедност Радомир Марковиќ на 30 години затвор за поттикнување на убиството на новинарот Славко Чурувија. Како извршители се осудени поранешниот шеф на белградската тајна полиција Милан Радоњиќ на 30 години затвор, Мирослав Курак на 20 години затвор и Ратко Ромиќ исто така на 20 години затвор.
Наредбодавачите како и политичката позадина на убиството остануваат нерасветелени и по 20 години.
Според обвинението убиството го испланирал Марковиќ, а го извршиле Радоњиќ заедно со Курак и Ромиќ.
Курак со 14 истрели пукал кон Чурувија, додека Ромиќ со дршката од пиштол ја удрил во главата пријателката на Чурувија, новинарката Бранка Прпа, со што му овозможил на Курак непречено да го изврши убиството. Курак е во бегство.
Сопственикот и уредникот на „Дневни телеграф“ и „ Европјанин“, Славко Чурувија беше убиен на 11 април 1999 година во влезот на својата зграда во Белград.
Според обвинителството, убиството на Чурувија било извршено со цел да се ограничи слободата на медиумите и да се зачува власта и моќта на режимот на Милошевиќ, кој тој јавно го критикуваше.
Во обвининието пишува дека убиството на Чурувија е нарачано од „непознато лице“ од највисоките структури на власта. Адвокатот на семејството Чурувија во завршните зборови како нарачател на убиството го означи Слободан Милошевиќ, а тужителот рече дека Чурувија бил убиен по налог на врвот на тогашната власта.
Како најава за неговата ликвидација се смета текстот „Чурувија ги дочека бомбите“ објавен во весникот „Политика“, неколку дена пред убиството, а кој беше прочитан и во централните вести на РТС. Во текстот Чурувија беше обвинет дека е еден од оние кои повикувале Србија да биде бомбардирана со закана дека предавството нема да биде заборавено.
Истрагата за убиството на Чурувија беше отворено 15 години по убиството, во 2014 година.




