Пишува: ВЛАДИМИР КОЧОВСКИ

Само минатата недела починаа четворица пожарникари.

Во изминатите две години 12 пожарникари.

Дел не ја дочекаа пензијата, дел неполна година по одење во пензија.

Што треба да се случи за да го добиеме тоа што одамна ни следува?

Законот за пожарникарство е отворен.

Ајде да го затвориме онака како што треба.

Треба само волја и ништо повеќе.

Пожарникарите се ЕДИНСТВЕНИ кои стекнатото право, да одат во пензија единствено по основ на остварен бенифициран стаж од 40 години, го изгубија и не можат да го добијат назад тоа право, како што тоа го добија полицијата, војската, рударите, танец…

За ова наше право, кое знаеме дека и тоа како ни следува, ќе се бориме и ќе бараме таа неправда да се исправи.

Ова е мало објаснување зошто МОРА ова да биде така и никако поинаку. Има уште многу причини. Јас ќе ги кажам само оние поради кои здравствената организација донела заклучок дека МОРА во пензија да се оди само и само на тој начин.

За Пожарникарите

Пожарникарите работат под екстремни услови и временски притисок. Секогаш при акцијата на спасување или гасење на пожар мораат да бидат на штрек. Тоа значи да бидат под стрес. Својата работа ја вршат во напната атмосфера, и често доживуваат ситуации кои се далеку над нивните приватни животи и искуства. Пожарникарите се сведоци на човечки трагедии. Ситуации каде што е невозможно да се спречи трагичен исход. Психолошкиот товар на пожарникарите при појава на стрес и психолошки последици при изложување на стресни ситуации, претставува проблем, како за поединецот, така и за колективот. Оптеретувањето при акцијата на спасување или гасење, покрај тоа што е физичко за кусо време претставува и психичко оптеретување. Повеќегодишното оптеретување може да доведе до оштетување на менталното и физичкото здравје.

Треба да разликуваме два вида на оптеретување во оваа служба. Од една страна, пожарникарите се среќаваат со стресови кои ги предизвикуваат случките и сцените, и оптеретувањата кои произлегуваат од организираното функционирање, работниот простор и лошите услови за работа. Двата фактора влијаат на менталната состојба на пожарникарите.. Други фактори на оптеретување кои се составен дел на професијата, се следниве:

– Физичкиот стрес при подигање на товар – поготово носењето на тешката лична заштитна опрема (43 кг)

– Штетни фактори, како што се изложување на екстремно високи температури (600 – 700 степени), чад и борба со временскиот притисок – за што покус рок да се изгасне пожарот или да се спаси нечиј живот

– Голем притисок на одговорност за својот и туѓите животи

– Чести промени на дневниот ред и теренски интервенции

Во зависност од индивидуалната психо-физичка издржливост, организмот привремено ќе одржува отпорност на наведените фактори, меѓутоа, секој организам бара адекватно време за опоравување.

Пожарникарите имаат поголем ризик за развој на посттрауматски стрес во однос на останатата популација. ПТСП се појавува како реакција на исклучително стресени ситуации на кои се изложени пожарникарите, на подолг или покус период.

Типични симптоми: повторување на преживеаните трауми низ наметнати сеќавања или флешбекови за време на спиење, но и празнини во меморијата за трауматската случка и избегнување на ситуации кои ги потсетуваат на таа траума.

Константно зголемување на нивото на возбуда кое преоѓа во нервоза, раздразливост, пореметеност на спиењето, емоционално и социјално повлекување, анксиозност, тага, депресија, па и суицидни мисли.

ПТСП се појавува непосредно по трауматската случка, но може да се појави и до недела дена подоцна, месец па и година дена во екстремни случаи. Менталното пореметување кое може да го претрпат пожарникарите е различно и се манифестира од едноставни до масовни реакции на стрес. Хроничниот замор се манифестира во физичка и емоционална исцрпеност, рамнодушност, апатија, социјално повлекување, хроничен замор и потешкотии во концентрацијата. Депресија, анксиозност, паника и психосоматски болести се резултат на синдромот на прегорување.

Многу е важно секој пожарникар да направи ефикасен механизам за преживување. Урамнотежениот живот кој вклучува правилна исхрана, адекватен сон, редовна физичка активност, одмор, и примена на техника на управување со стресот. За секој поединец, е важно да ја препознае границата и да прифати онолку колку може да се носи со тој стрес. Да се признае не срамота. Поготово кога станува збор за менталното здравје.

Пожарникарот кој покажува негативен став спрема работата, оној кој покажува несигурност, оној кој станува дезорганизиран, со сигурност преживува стресно пореметување. Ако овој процес не прекинува, проблемот станува сериозен.

За да се спречи или да се запре процесот на прегорување или стрес, корисно е да ги знаеме причините. Причините можат да бидат лични во однос на социјалните односи. Изостанок на пофалба или признание за вложениот труд, недостаток на повратни информации мобинг и лоша работна атмосфера го зголемуваат ризикот од прегорување.

Барањата од пожарникарот за време на интервенцијата се многу широки. Покрај високото ниво на физичка и ментална способност, неопходна е и голема одговорност и флексибилност, мултифункционалност, отпорност на екстремни услови на работа, подготвеност за повеќе видови на акција, познавање на техниката, способност да сочува стекнатите вештини и да развива одредени други потребни вештини, способност да анализира и проценува во даден момент, во континуитет да е спремен да преземе одговорност, да е спремен да преземе ризик, а сите овие наведени барања се наметнуваат баш при една интервенција, и секој следен пат се повторуваат.

Заштитната опрема колку е моментална заштита, толку влијае на организмот со своето негативно дејствување, како иритација, опасност од гушење, тежината на опремата го ограничува движењето и видното поле, поттикнува клаустрофобија и допринесува за лоша комуникација во текот на интервенцијата. Употребата на дишниот апарат со компримиран воздух (кој мора да се користи при секоја интервенција на гасење) го зголемува пулсот во просек до десет отчукувања во минута. Заштитната униформа, поради големото покачување на телесната температура и губиток на течност кој во просек е 2 литри, предизвикува стрес на организмот.

Има уште многу да се пишува.


Авторот е Командир на чета во противпожарната бригада Скопје

Текстот е личен став на Авторот. Дозволено е преземање на текстот според лиценцата Creative Commons 4.0. Извор: Frontline.mk