Најмалку 50 Палестинци се повредени во судири со полицијата кај џамијата Ал Акса во Ерусалим откако масата верници денес повторно тргна кон муслиманското светилиште, јавуваат светските медиуми.

Повредите се главно од гумени куршуми и шок-бомби, соопшти Црвената полумесечина.

Палестинците ги прекинаа двонеделните протести поради израелските безбедносни мерки откако муслиманските верски лидери денес на верниците им кажаа дека повторно можат да влезат во комплексот Ал Акса.

Но, откако илјадници верници денес попладне се вратија во џамијата на прва молитва по две недели, Палестинците се судрија со израелската полиција

Израел синоќа ја отстрани безбедносната инфраструктура која ја постави претходно месецов на влезовите во просторот околу џамијата во ерусалимскиот Стар град, сакајќи да ги смири политичко – верските тензии.