Европратеникот Едвар Кукан, кој беше еден од преговарачите во Договорот од Пржино во интервју за емисијата „Европски патокази“ рече дека Министерот за надворешни работи Никола Попоски му рекол дека е уставна можност пратениците да се соберат и да формираат влада, дури и ако претседателот Ѓорге Иванов не го даде мандатот.
„Разговарав со нашите колеги од ВМРО-ДПМНЕ за можностите за формирање на Влада и тие ни кажаа дека има уште една опција да се формира влада без претседателот. Собранието да си заседава и ако некој на таа седница побара, може да се формира влада. Јас разбрав од Никола Попоски дека има две можности и дека ова е исто така една од можностите. Се разбира, далеку посензибилно и многу потешко, но сега слушам дека Заев и албанските партии размислуваат за оваа можност“, рече Кукан.
На ова, новинарот Бобан Нонковиќ рече дека тоа може да создаде војна, многу силна реакција на народот и дека оваа опција граѓаните што се надвор од Собранието нема тоа мирно да го проследат. Европратеникот Кукан повтори дека Попоски му потврдил дека тоа е уставен начин и дека одговорност на сите политички лидери и од владата и од опозицијата, како и на албанските партии да не дозволат било какви судири или лош развој на настаните.