Ленин Морено, кандидат на владејачкиот лев блок Алијанса Горда и суверена татковина (ПАИС), победи во вториот круг од претседателските избори во Еквадор, покажуваат првите официјални резултати, објавени од Националниот изборен совет.
Според преброените над 96 отсто од гласачките ливчиња, Морено ја добил поддршката од 51,1 проценти од гласовите.
Како што пишува CNN, противкандидатот од умерено конзервативната партија Создавање можности (ЦРЕО), Гиљермо Ласо освоил 48,9 отсто од гласовите.
Ласо изјави дека ќе ги оспори резултатите и ќе побара ново пребројување.
Победата на Морено е добра за основачот на Викиликс, откако Ласо претходно рече дека ќе го протера Џулијан Асанж од еквадорската амбасада во Лондон доколку победи на изборите.