Во Центарот за обука на полицајци утринава 35 курсисти побарале лекарски помош поради симптоми на труење со храна, дознава НОВА од извори во Полициската академија. Настанот се случил утринава кога тројца од младите курсисти за полицајци паднале во бесознание на смотрата.
По ова, 35 од нив почнале да се жалат на симптоми на труење и побарале лекарска помош. Веднаш била повикана Итната медицинска помош и тројца од нив биле однесени на Клиниката за инфективни болести. Еден од нив, кој го посетувал курсот за полицајци бил задржан на клиниката бидејќи бил дехидриран. По ова, била повикана екипа од Агенцијата за храна и биле земени мостри од вечерата и појадокот кој го конзумирале курсистите.
Во МВР го потврдија настанот за НОВА, но велат дека бројката не е толкава, туку дека само на тројца им се слошило на утринската смотра. Демантираат дека има труење со храна. Курсистите јаделе вакумираната салама за која во МВР тврдат дека не била со поминат рок.
„Нема труење, така кажаа лекарите. Само на тројца им се слоши, по што беше повикана брза помош и со возила беа однесени на инфективна клиника. Еден од нив е задржан на посматрање поради тоа што бил дехидриран. Сепак, по наше барање беше повикана екипа од Агенцијата за храна кои земаа примероци од вечарата и од појадокот. Ги чекаме резултатите од вакумираната салама која ја јаделе сите, а е со добар рок и ја набавуваме со тендер“ изјави за НОВА Јордан Ламановски, помошник министер во Одделот за односи со јавност во МВР.
Младите курсисти во Центарот за обука за полицајци во Идризово биле дојдени од пред десеттина дена. Во МВР велат дека принципот на работа и начинот на живот го менуваат и метаболизмот поради што се можни и различни реакции и промени. Сепак, настанот го потврдија и дел од роднините на курсистите кои нагласија дека тие што се пожалиле имале здравствени проблеми.