Иницијативата на жени од Шуто Оризари потсетува дека Ромките од Шуто Оризари и во 2017 година сè уште се соочуваат со бројни пречки во пристапот до основните здравствени услуги за репродуктивно здравје.
Во Шуто Оризари нема ниту еден матичен гинеколог, а 8.000 жени се во репродуктивен период.
– Според податоците од секојдневните теренски активности на Иницијативата, во општина Шуто Оризари поради ограничен пристап до примарна здравствена заштита, неретко жените се породуваат во домашни услови и лишени од лекарска грижа, со што нивното, и здравјето на новороденчињата, е сериозно ставено под закана, реагираат од организацијата.
Истражувањето од декември 2016 покажа дека само 2% жени од Шуто Оризари биле посетени од патронажна сестра во текот на бременоста, иако потребно е најмалку двапати да бидат посетени во текот на бременоста. Истото истражување покажа дека на дури 83% од Ромките им било наплатено за ЕХО преглед од страна на матичениот гинеколог, иако оваа услуга им следува бесплатно.
– Потсетувме дека во 2015 година доенечката смртност кај Ромките е скоро двојно повисока во однос на просекот кај останатите етнички групи (14.2 кај Ромките наспроти 8.2 кај другите групи), се вели во реакцијата.
Мината година и Меѓународниот комитет за економски, социјални и културни права и препорача на државата да ги преземе сите мерки за зголемување на бројот на гинеколози во земјата со цел да се обезбеди пристап на секоја жена до гинеколошки услуги, особено во општината Шуто Оризари.
Од добиените препораки во јули 2016 до денес државните институции не презедоа никакви конкретни чекори кои ќе ја подобрат сосојбата во практика.
– Дополнително бараме одговорните институции, пред сè Фондот за здравствено осигурување и Министерството за здравство да изнајдат решение во консензус со матичните гинеколози и здруженија на пациентките и самите заедници, со кое целосно ќе се елиминира практиката на незаконски наплата на здравствените услуги во текот на бременоста во ординациите на матичните гинеколози. Очекуваме ноформираната влада да биде посветена на заложбите за заштита и унапредување на правата на Ромите, се порачува во реакцијата.