Групата „II Posto” од Италија со спектакуларен настап во петок, во 19 часот на фасадата на Веро центар ќе го отвори годинашното осмо издание на Меѓународниот уличен фестивал „Баскерфест“, во организација на Здружението на граѓани „One way“.
Настапот на италијанската трупа е комбинација на акробатски вертикален танц со музика во живо и спектакуларна кореографија индивидуално креирана за секој настап. По свеченото отворање, пред Веро центарот ќе се претстават и преостанатите настапувачи со кратка изведба на своите точки.
Музичката програма оваа година е составена од голем број музички групи, со ноти на рап, реге, рок и етно музика, а во рамките на фестивалот ќе бидат одржани околу 30 концерти.
Годинава Баскерфест ќе се дисперзира и низ цела Македонија.
„Почнуваме утре со настапи во Гевгелија, на 14. се селиме во Скопје, каде што остануваме до 23., а на 3 јули ќе завршиме во Дојран. На 8. Баскерфест ќе настапат околу 100 артисти од дваесеттина земји. Еден од поспектакуларните настапи покрај настапот на италијанската трупа „II Posto ”, ќе биде и настапот на рок групата „Стар бој“ од Нов Зеланд, група составена од 9 членови која во своите настапи комбинира акробатска кореографија и употреба на пиротехнички елементи, рече Пане Темов од Здружението на граѓани „One way“.
Град Скопје од буџетот го финансира овој фестивал со 900.000 денари.