Реванш мечот против Андерлехт во четврт-финалето во Лига Европа (ЛЕ), според британските медиуми, е најверојатно последен за Златан Ибрахимовиќ (35) во оваа сезона. Во финишот на основниот дел напаѓачот на Манчестер јунајтед остана да лежи на тревникот на „Олд Трафорд“ со болен израз на лицето.
Шведскиот интернационалец го напушти теренот во придружба на медицинскиот персонал на „црвените ѓаволи“ во третата минута од екстра времето, а на негово место во игра влезе Марсијал. Премиерлигашот на крајот го елиминира белгискиот состав со погодокот на Рашфорд во 107 минута и во полуфиналето во ЛЕ ќе игра со Селта.
Ибрахимовиќ пристигна во Манчестер Ј. од ПСЖ во летниот период, потпиша едногодишен договор што сè уште го нема продолжено и во 46 настапи досега постигна 28 гола.