Партијата ЛДП бара одговорност за залудно потрошените пари за палмите во Македонија.
Оттаму велат за набавката на 1.100 палми, за кои беа потрошени над 500.000 евра, ако се додадат и трошоците за транспорт, складирање, засадување, третманот за заштита за време на летниот и зимскиот период (туширање, обвививање, набавка на специјално ѓубриво и други препарати и низа други трошоци), севкупните трошоци за палмите достигнуваат до речиси 1.000.000 евра, народни пари.
– Овие палми не беа најавени во никаква предизборна или било каква друга програма на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Палмите беа платени од Владата, набавени од ЈП “Македонски шуми“, а прифатени од градоначалникот на град Скопје, но и од властите на другите општини. Уште по првиот поглед на палмите се увиде дека се во целосно уништена состојба и дека многу брзо ќе завршат на депонијата Дрисла, како и што се случува деновиве. Палмите почнаа да се сушат уште во првите месеци од нивното засадување, но набрзина беа заменувани со други палми за да се прикрие нелогичноста на проектот, реагира ЛДП.
Оттаму велат на сметка на тоа безмилосно се уништува зеленилото и се прават масовни сечења на дрвата заради недржливата и прекумерна градаба.
ЛДП бара одговорност за склучување на договор за набавка на палмите по нереално високи цени и без било каква гаранција на рокот за вегетација на овие дрва од страна на увозникот и производителот, што е сосема нормално за ваков вид на договори.
Според партијата ЛДП, одговорноста треба да ја сносат Владата, ЈП “Македонски шуми“ и градоначалникот на град Скопје за овој целосно промашен проект.
ЛДП потсетува дека еден од низата промашени скапи проекти за “озеленување “ на државата, е и набавката од 250.000 евра на три жални врби, како и милионски суми дадени за пошумување од кое нема никакви видливи резултати.