Америка ќе ги засили санкциите како и дипломатските стратегии кон Северна Кореја со цел Ким Јонг Ун да се откаже од своите нуклеарни планови и програми.
Ова им го соопштил претседателот Доналд Трамп на брифингот на сенаторите.
По стравувањата дека Северна Кореја подготвува нови тестирања на ракети, САД одлучи да постави одбранбен ракетен систем во Јужна Кореја.
– САД бара стабилен и мирен процес на денуклеаризација на Корејскиот Полуостров, се вели во заедничката изјава на државниот секретар Рекс Тилерсон, на министерот за одбрана Џим Матис и директорот на националната разузнавачка служба, Ден Коутс.
Како што дополнуваат тие во изјавата, остануваат отворени за преговори, но се подготвени да се бранат себе и своите сојузници доколку постои некаква опасност.
– Претседателот цели кон тоа Северна Кореја да се откаже од нуклеарните и ракетни програми со тоа што ќе донесеме економски санкции и ќе ги засилеме дипломатските стратегии со нашите сојузници и регионални партнери, велат Тилерсон, Матис и Коутс.
Според мерките кои во моментов се на сила, секој кој што соработува со Северна Кореја е на црната листа на САД, а забранета е трговија на американски компании со државата на Ким Јонг Ун.