Претседателот на Собранието, Талат Џафери, денес се сретна со Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Нина Суомалајнен.
Амбасадорката Суомалајнен му го честитала изборот за претседател на Собранието и изразила уверување за понатамошна плодна соработка. Истовремено таа го осудила нападот на Парламентот на 27. април.
„Џафери изрази благодарност за поддршката на Мисијата на ОБСЕ во развојот на демократските процеси во земјата. Нагласувајќи дека немилите настани од 27 април не би смееле да се повторат во иднина, тој оцени дека експертизата на ОБСЕ би била мошне корисна во споделувањето на најдобрите практики во врска со воспоставувањето на внатрешното обезбедување на парламентите. Истовремено, г. Џафери го повтори своето и уверување дека Собранието мора да биде максимално отворено и кооперативно со граѓаните, со невладиниот сектор и со медиумите“ пишува во соопштението од Кабинетот на Џафери.
Во врска со актуелната состојба поврзана со претстојните локални избори, Џафери информирал за координацијата одржана со лидерите на плитичките партии, на која што било договорено изборите да се одржат во првата половина на месец октомври, како и за чекорите кои треба да преземе Собранието на Република Македонија до распишувањето на изборите.