Серхио Љуљ (29) од мадридски Реал е прогласен за МВП во кошаркарската Евролига за оваа сезона. Плејмејкерот на „кралевите“ бележеше одлични партии низ целиот тек на елитното натпреварување и, покрај поразот во полуфиналето на завршниот турнир од Фенербахче, го понесе престижното признание. Неговиот ефект во просек по натпревар изнесува 16,4 поени и шест асистенции.
Ова за него е прва промоција за најкорисен играч, награда што лани му беше врачена на Нандо де Коло од ЦСКА Москва. Љуљ, несомнено, е мотор во екипата на Пабло Ласo. Трет е Евролигата по бројот на асистенции, петти е на листата на стрелци и осми според индексот на корисност. Последен МВП кошаркар во Евролигата од редот на Реал М. беше Серхио Родригез во 2014 година.
Индивидуални награди добија и неговиот клупски колега Лука Дончиќ како „ѕвезда во подем“, за најдобар стрелец му е врачена на Кит Ленгфорд од Уникс Казан, a за најдобар одбранбен играч заврши за Унгарецот Адам Ханга од екипата на Басконија.

Свеченоста во Истанбул меѓу полуфиналните средби и средбите за распределба на комплетот медали беше искористена и за претставување на најдобрите петорки. Во идеалната се најдоа Серхио Љуљ (Реал Мадрид), Јоргос Принтезис (Олимпијакос), Богдан Богдановиќ (Фенербахче), Екпе Јудо (Фенербахче) и Нандо де Коло (ЦСКА Москва). Втората ја сочинуваат Густаво Ајон (Реал Мадрид), Николо Мели (Бамберг), Милош Теодосиќ (ЦСКА Москва), Брајан Данстон (Анадолу Ефес) и Бред Вонамејкер (Дарушафака).
Евролигашката сезона завршува денеска. За 17 часот во Истанбул е закажан мечот за третото место меѓу ЦСКА Москва и Реал Мадрид, од 20 часот во „Синан Ердем Дом“ ќе следува и големото финале меѓу Олимпијакос и Фенербахче на Перо Антиќ.