Мехмет Кесератар, Мехмет Каралибечен и Фатих Арсланоглу е судиско трио од Турција што ќе дели правда во мајсторката од финалната серија во кошаркарскиот шампионат на Македонија меѓу МЗТ Скопје Аеродром и Карпош Соколи закажана за попладнево (18 ч.) во СЦ „Јане Сандански“.
Вечерашниот натпревар ќе биде прв во историјата на македонската кошарка со судии од странство, пракса што не е непозната за други земји.
До брејк во досегашните четири натпревари за титулата не дојде. И „штрковите“ и „соколите“ ја искористија предноста на домашниот терен и не дозволија да паднат СЦ „Јане Сандански“ и СЦ „Борис Трајковски“. Дали традицијата ќе продолжи и попладнево, згора и со турски арбитри, останува да видиме.
Аеродромци во својот дом ќе атакуваат на шестата шампионска титула во историјата, гостите од Карпош се надеваат на премиерна. Тимот на Драган Николиќ веќе внесе една во клупските витрини по победата над Фени Индустри со 80:69 во финалето на Купот на Македонија во Кавадарци.
Финална серија во плеј-офот за сезона 2016/17
МЗТ Скопје Аеродром – Карпош Соколи 77:76
Карпош Соколи – МЗТ Скопје Аеродром 103:94
МЗТ Скопје Аеродром – Карпош Соколи 86:80
Карпош Соколи – МЗТ Скопје Аеродром 86:78
МЗТ Скопје Аеродром – Карпош Соколи (денеска, 18 ч., СЦ „Јане Сандански“)