Премиерлигата ја заврши на шестото место, а сезоната со три трофеи. Жозе Мурињо е пресреќен со освоената титула во Лига Европа и во првите 12 месеци од мандатот на „Олд трафорд“ ги опиша како најтешки во неговата тренерска кариера.
„Затворивме една многу тешка, но и многу добра сезона. Наша цел на почетокот е пласман во Лигата на шампиони преку Премиерлигата меѓутоа е најважно дека е остварена. И тоа со титула, многу важна титула. Манчестер јунајтед сега ги има сите трофеи во фудбалската историја. Зад нас се неколку тешки месеци со многу лоши бројки. Среќен сум како завршивме бидејќи оваа е најтешка сезона откако сум тренер“, рече Португалецот по големиот успех во Стокхолм.

Манчестер Ј. полесно одошто се очекуваше го доби финалето во Лига Европа на „Френдс арена“. Погба со гол ги оправда 90 милиони што во него ги вложи управата на „црвените ѓаволи“, Мкитарјан со акробатски потег се потврди како играч со неверојатно чувство за гол, како играч кој знае да се најде на вистинско место во вистинско време и како играч на кого ќе треба уште посериозно да се смета во новата сезона.
„Вербата дека можеме да ја освоиме Лига Европа не нè напушти во ниту еден момент. Игравме интелигентно и победивме на лесен начин. Еднотавно бевме посилни од Ајакс. Ако знаете дека сте доминантни во скок играта, тогаш ќе форсирате игра на долги топки. Свесни бевме дека квалитетот е наша страна и ги искористивме нивните слабости. Ја заслуживме победата, ми се наполни срцето кога ги видов фудбалерите како трчаат со пехарот“, истакна „специјалниот“ кој е втор менаџер по Рафаел Бенитез со титули во Лига Европа и во ЛШ и единствен по две во обете натпреварувања.

Следува период за одмор и средување на впечатоците од сезоната, па подготовки за новата во која Јунајтед ќе оди на напад на титулата во Премиерлигата, но и во ЛШ. За тоа ќе бидат потребни и адекватни засилувања во ростерот за што Португалецот порача дека веќе составил листа на желби што е предадена кај надлежните.
„Мојот список е кај Ед Вудворд веќе два месеца. Знае што сакам, знае што би сакал да имам. Сега е ред е тој и газдите на клубот. Фудбалот нема да ме интересира во наредниот период. Ќе одам на одмор. Не сакам да гледам пријателски меѓународни натпревари. Себичен сум, не можам“, заклучи Жозе Мурињо.