„Добар голман е половина екипа“ е една од најпознатите фрази за спортовите во кои го има. Меѓу стативите на Вардар веќе три години е Арпад Штербик кој, пак, повеќе од една деценија се вбројува во редот на најдобрите ракометни чувари на мрежата во светот. Шпанскиот репрезентативец со потекло од Сента (Војводина/Србија) со своето знаење, искуство и неверојатна моќ за перцепција на противничките удари несомнено влеваше сигурност во играта на „црвено-црните“ и често беше нивни двигател кога запаѓаа во криза.
Непроценлив беше неговиот придонес во европската сезона што заврши викендот во Келн каде вардарци ја освоија титулата во Лигата на шампиони. Против ПСЖ го одигра деветтото финале во кариерата и го освои четвртиот трофеј во натпреварувањето.
„Првиот е секогаш најсладок. Ова беше мое деветто финале и четврта титула, но искрено сум многу среќен што успеав и со Вардар. Не е сеедно да се освои со силна екипа што е фаворит и со екипа што е добро вкомпонирана како нашата и претставува спој на младост и на искуство. Сите до еден одигравме на ниво. Париз е посилен од нас на физички план и има поголемо искуство. Најголем наш адут беше колективот и тренерот“, изјави Штербик по финалето.
На Фајналфор турнирот во Келн, според официјалната статистика на Европската ракометна федерација (ЕХФ), забележа 20 одбрани меѓу кои и два пенала, по еден против Барселона во полуфиналето и со ПСЖ во финалето. Од игра „фати“ шест топки на Каталонците и двојно повеќе на „светците“ од Париз и на крајот заслужено ја понесе наградата за најкорисен играч во завршниот викенд во „Ланксес арена“.

„Постојано велам дека е потешко да се пласирате на турнирот одошто да го освоите. Секоја година го кажувам тоа и сега го повторувам. Ги советував момците да не даваат изјави од типот дека одиме по трофеј туку да одиме полека, од меч во меч. Само така можеме да изненадиме кога не сметаат на нас и не нè сфаќаат сериозно. Сигурно малку нé потценија и Барселона и Париз“, додаде 37 годишниот голман.
Штербик во Келн ја одработи последната сезона од договорот со Вардар. Меѓутоа порача дека сака да се врати на завршниот турнир и догодина како алузија дека, најверојатно, ќе ја одложи одлуката за крај на кариерата.