Оставка од Јавниот обвинител, Марко Зврлевски, беше првото нешто што го побара премиерот Зоран Заев веднаш по изборот на новата влада. Тој и денеска, на првиот работен ден како премиер, изјави дека е ред да се даде шанса брзо да почнат реформите во правосудството и додаде дека Зврлевски е еден од симболите за узурпирана правна држава поради што е неопходно што поскоро да си поднесе оставка.
„Денеска е првиот работен ден по мојот повик за оставка и ги очекувам реакциите на јавниот обвинител. Реформите се приоритет на оваа Влада и нешто што граѓаните го очекуваат од нас, а една од најзначајните реформи и реформата во правосудството. Еден од симболите за узурпирана правна држава е Марко Зврлевски и затоа верувам дека што поскоро треба да поднесе оставка“, изјави Заев.