Новите министри на денешната втора владина седница ја започнаа постапката за разрешување на Републичкиот јавен обвинител Марко Зврлевски, потврдија за НОВА ТВ извори од Владата.
НОВА се обиде да добие коментар од јавниот обвинител, но тој не одговараше на нашите телефонски повици.
Според законските процедури, Владата по претходно мислење од Советот на јавни обвинители до Собранието поднесува предлог за разрешување на јавниот обвинител на Република Македонија. Јавниот обвинител може да се разреши од функцијата пред истекот на мандатот поради: незаконито, ненавремено или недоволно стручно вршење на функцијата, ако со своето однесување и дејствување покажува дека не е способен за извршување на функцијата, ако не поднесува барање за покренување кривична постапка во случаи предвидени со закон и поради нарушување на угледот на функцијата.
Советот е должен во рок од 15 дена да и одговори на Владата со позитивно или негативно мислење.
Засега нема информации со кое образложение Владата ќе бара од Советот мислење за разрешување на Зврлевски.
Денеска Владата ја одржува втората седница на која се расправа за кадровски решенија. На вчерашната седница, владата им даде задолженија на министрите без ресор и го избра Драги Рашковски за нов Генерален секретар на партијата.