Досега 39 пратеници од минатиот парламентарен состав поднеле барање за апанажа до Собранието, односно исплата на плата по завршување на мандатот, објави „Макфакс“.
Комисијата за прашања на изборите и именувањата в петок на седница треба да даде зелено светло за исплата на апанажа на пратениците од минатиот парламентарен состав во износ од околу 1000 евра.
Овие одредби произлегуваат од Законот за плата и другите надоместоци на пратеници во Собранието и другите избрани и именувани лица и измените на Законот за пратеници. Правото се стекнува врз основа на лично барање, кое се поднесува најдоцна во рок од 30 дена од денот на престанувањето на функцијата. Законот предвидува пратеник да може да остварува плата подолго и од една година, а најмногу уште шест месеца, доколку во тоа време стекнува право за старосна пензија. За време на остварувањето на ова право пратеникот нема право на други лични примања и надоместоци на трошоци.
Педесет и еден пратеник од седмиот парламентарен состав поднесоа барање за апанажа, а од собраниската сметка за оваа намена се издвојуваа по околу 50.000 евра месечно.