Македонија го доживеа седмиот пораз во меѓусебните дуели со Шпанија. „Фуријата“ вечерва славеше на „Телеком арена“ со 2:1 во шестото коло од квалификациите за СП 2018. Давид Силва во 15 минута и Диего Коста во 27 минута погодија за фаворитот, Стефан Ристовски во 66 минута го постигна единствениот гол за „црвено-жолтите“ во петтиот пораз во групата Г. Циклусот за завршниот турнир во Русија продолжува во септември кога националниот тим ќе гостува во Тел Авив на селекцијата на Израел.
Шпанија ја оправда фаворитската улога во Скопје и ја продолжи низата без пораз во мундијалски квалификации што трае од 1993 година. Рутинерската игра со брзи и лесни проигрувања во првото полувреме беше крунисана со два гола од стандардните првотимци на Манчестер сити и на Челзи. Македонија во воведните 45 минути прикажа бледо лице и беше далеку од желбените најави за конкурентност, надигрување, демнење на контри и закани кон Де Хеа.

Второто полувреме донесе поинаква слика на теренот. Селекторот Ангеловски од игра го повлече Остоја Стјепановиќ и на негово место го испрати дебитантот Елиф Елмас (17). Младиот фудбалер на Работнички, кој беше на радар и на турската фудбалска федерација, одлично одговори на укажаната шанса, внесе живост во средниот ред и заедно со вардарецот Стефан Спировски, Алиоски и Ристовски ја зацврстија линијата пред дефанзивната четворка.
Будењето на домашната селекција, конечно, даде резултат кон средината на вториот дел. Македонија успеа да фати прилика за контра што како начин за погодок и изненадување го нагласи Горан Пандев во најавата за натпреварот. Токму тој беше и во улога на асистент, упати топка во фор за Ристовски кој успеа да претрча 30-тина метри и покрај Серхио Рамос да ја „закова“ зад грбот на Де Хеа.

Гледалиштето одеднаш се разбуди, надежите за позитивен резултат наеднаш оживеаја. Во тој контекст и определбата на Ангеловски да ги испрати на терен офанзивните Тричковски и Трајковски на смета на Мојсов и Тошевски. Тоа значеше враќање на Ристовски од средината на десната бековска позиција и на Алиоски на левата во обидот со свежи сили да се дојде до втор гол за евентуално реми. Се изродија и ситуации, една од слободен удар (шутираше Алиоски по прекршокот врз Спировски), втората беше за Несторовски, но посакуваното не се случи.
И опуштените шпански фудбалери креираа неколку полушанси на спротивната страна преку Коста и Силва, пред се, меѓутоа Столе Димитриевски и колегите во поле не дозволија по третпат да тргнат од центарот на тревникот по примен гол. Шпанија на крајот, сосема заслужено, ги понесе трите бода од Скопје и остана на чело на табелата во групата Г заедно со Италија. Македонија, пак, со играта во второто полувреме го покри првото, најлошо во циклусот, со играта обели образ за достоинствен пораз по последниот свиреж на полскиот арбитар Павел Гил.
Во двата преостанати меча во групата, Италија, очекувано, го совлада Лихтенштајн со 5:0, а Албанија како гостин славеше над Израел со 3:0.
Македонија – Шпанија 1:2 (0:2)
Стадион: „Телеком арена“ во Скопје. Гледачи: 22.000. Гл. судија: Павел Гил. Асистенти: Конрад Сапела и Марсин Борковски (сите тројца од Полска). Ж. картони: Пандев, Мојсов, Елмас, Шиков, Ристевски (Македонија); Силва, Алба (Шпанија). Стрелци: Ристовски 66′ за Македонија; Силва 15′, Коста 27′ за Шпанија.
Македонија (формација 4-4-2): Димитриевски – Ристевски, Мојсов (Тричковски 85′), Шиков, Тошевски (Трајковски 74′) – Алиоски, Спировски, Стјепановиќ (Елмас 46′), Ристовски – Пандев, Несторовски. Селектор: Игор Ангеловски.
Шпанија (формација 4-3-3): Де Хеа – Алба, Пике, Рамос, Карвахал – Бускетс, Силва (Педро 69′), Иниеста (Нигез 90’+2′) – Алкантара (Коке 74′), Иско, Коста. Селектор: Хулен Лопетеги.
Квалификации за СП 2018 – зона УЕФА
Група Д, 6 коло
Србија – Велс 1:1
Република Ирска – Австрија 1:1
Молдавија – Грузија 2:2
Табела: Србија 12, Република Ирска 12, Велс 8, Австрија 8, Грузија 3, Молдавија 2.
Идно коло (2 септември): Србија – Молдавија, Грузија – Република Ирска, Велс – Австрија.
Група Г, 6 коло
Македонија – Шпанија 1:2
Италија – Лихтенштајн 5:0
Израел – Албанија 0:3
Табела: Шпанија 16, Италија 16, Албанија 9, Израел 9, Македонија 3, Лихтенштајн 0.
Идно коло (2 септември): Израел – Македонија, Шпанија – Италија, Албанија – Лихтенштајн.
Група И, 6 коло
Исланд – Хрватска 1:0
Косово – Турција 1:4
Финска – Украина 1:2
Табела: Хрватска 13, Исланд 13, Турција 11, Украина 11, Финска 1, Косово 1.
Идно коло (2 септември): Хрватска – Косово, Финска – Исланд, Украина – Турција.