Нови протести за попладне најавија активистите од граѓанската инцијатива „Доста“,од Струга.
Стружани веќе неколку дена протестираат и апелираат до институциите да најдат решение за дивата депонија која се наоѓа на неколку стотина метри од градот. Депонијата и денеска гори, а градот е обвиен во чад.
Вчера депонијата ја посети министерот за животна средина, но решение нема на повидок. Граѓаните бараат итно дислоцирање на депонијата и конзервација и ревитализација на почвата.
Дивата депонија во Струшко Поле веќе подолг период им прави големи проблеми на стружани. Тие се организираа на социјалните мрежи и почнаа протести, кои од ден на ден стануваат сè помасовни бидејќи, како што велат, состојбата е драматична и во прашање е здравјето на нивните деца.