Стружани денеска на протести побараа од централната и локалната власт под итно да определат локација каде што ќе се носи отпадот од градот, а постоечката градска депонија да се затвори.
Со т.н герила акција, активисти на граѓанската иницијатива „Доста е“ симблично ја затворија депонијата поставувајки рампа и табла на која на македонски, албански и англиски јазик пишува „Затворено“.
Честито затворање и никогаш повеќе да не се отвори! – порачаа активистите на „Доста е“.
Од граѓанската иницијатива „Доста е“ кои се организатори на протестите, најавија и порадикални чекори доколку нема целосно решение на проблемот.
„Нашето прво барање беше исполнето. Депонијата е изгасната но тоа не значи решавање на проблемот. Доколку надлежните не донесат одлука за складирање на отпадот на некоја побезбедна локација , тогаш останува оваа постојна локација која се изгасна. Општина Струга складира околу 130000 метри кубни отпад на годишно ниво. Ако ние дозволиме повторно да се складира отпад на оваа локација тоа би значело дека за два три месеци повторно ќе го имаме истиот проблем кој со маки успеавме да го решиме“, изјави Глигорије Ќатоски од граѓанската иницијатива „Доста е“.
Граѓаните на Струга им дадоа рок од 15 дена на институциите да определат предлог локации каде во иднина би се носел сметот од градот.
„Овој протест се организира од причина што бараме надлежните да состават работно тело од експерти кои би определиле предлог локации за итно складирање на градскиот отпад. Основен критериум за таа локација да биде минималниот ефект кој истата би го имала врз животната средина и здравјето на луѓето. Бараме во рок од 15 дена да ги имаме тие предлог локации, а во меѓувреме ги замолуваме надлежните да не го фрлаат отпадот на постојната делонија и да изнајдат некое привремено решение. Ние сме тука да го актуелизираме проблемот, а не можеме да отфрлиме и дополнително радикализирање“, вели Ќатоски.
Инаку пред неколку дена депонијата беше целосно изгасната и покриена со песок откако од неа повеќе од два месеци се ширеше чад.
Локалните власти од Струга најавија дека отпадот ќе продолжат да го носат на постоечката депонија, на посебно определено место за тоа, се до изнаоѓање на решение со Владата.
Инаку депонијата во Струга достигнува алармантни податоци. Висока е 13 метри и големина како четири фудбалски игралишта.