“Постигнавме база за компромис околу договорот за пријателство. Следниот чекор е информирање на владите во двете земји и други потребни внатрешни консултации”, извести македонската страна.
Делегациите на Министерствата за надворешни работи на Бугарија и на Македонија, предводени од министрите Екатерина Захариева и Никола Димитров имаа дводневни консултации за Договорот за добрососедство и соработка меѓу двете земји.
Делегациите од двете држави велат дека разговорите што се водеа во Бугарија, поминале во конструктивна атмосфера.
“Разговорите кои се одржаа во Бугарија, поминаа во конструктивна атмосфера. Постигната беше база за компромис. Следниот чекор е пристапување кон консултации и внатрешни процедури”, наведуваат и од бугарското министерство.
Договорот за добрососедство треба да биде потпишан на 2 август кога е и форумот на НАТО во Црна Гора на кој треба да присуствува и Македонска делегација.