Небојша Човиќ е избран за претседател на АБА лигата за сезоната 2017/18. Именувањето на првиот човек на белградска Црвена звезда на функцијата во регионалното кошаркарско натпреварување се случи на денешното Генерално собрание во Загреб. Прв потпретседател во наредниот период ќе биде Игор Додик, генерален менаџер на Игокеа, за втор потпретседател е Домагој Чавловиќ, генерален менаџер на Цибона.
На Собранието е изгласана и одлука за формирање на втора АБА лига од претстојната сезона. Целта на дополнителниот проект што претходно и беше најавен како идеја е унапредување и развој на кошаркарската игра на овие простори. Бројот на учесници, имињата на клубови и стартот на натпреварувачкиот дел ќе бидат дефинирани на наредното Собрание што е закажано на 24 јули.
„Решивме да формираме и втора АБА лига за што сè уште немаме допрецизирано критериуми за нејзино пополнување. Оставаме рок од два дена на националните федерации да достават по два клуба како предлози за натпреварувањето. Со ова даваме простор за договори и соработка со сојузите што беше прекината со претходните случувања. Доколку не одговорат до четврток до 14 часот, предлозите ќе ги даде Собранието, а како критериуми ќе бидат резултатите во домашните првенства од минатата сезона“, појасни Додик.
Една од одлуките во Загреб денеска се однесува и организација на турнири за кошаркари до 19 години од сезоната 2017/18.
Новата сезона во АБА лигата ќе почне на 30 септември, последното коло од лигашкиот дел е планирано за 11 март во 2018 година. Стартот на разигрувањето е зацртан на 17 март, а финалната серија за новиот шампион би требала да заврши до 15 април.
Во првото коло ќе играат: МЗТ Скопје Аеродром – Партизан, Црвена звезда – Морнар, Мега Бемакс – Цибона, Олимпија – Игокеа, Цедевита – ФМП и Будуќност – Задар.