Илие Настасе ќе биде под суспензија до 2021 година. Мерката за селекторот на Федерејшн куп репрезентацијата на Романија ја изрече Интернационалната тениска федерација (ИТФ) поради неговите недолични дофрлувања и навреди кон Џоана Конта, кон Ен Кеотавонг и кон судијата во априлската пресметка со Велика Британија.
Скандалозното однесување го заокружи со расистички коментар и на сметка на нероденото дете на Серена Вилијамс.
„Да видиме каква боја ќе има. Чоколадна или млечна“, рече тогаш Настасе на прес-конференцијата по ждрепката на мечевите меѓу Романија и Велика Британија додека Симона Халеп одговараше на новинарски прашања за блажената состојба на нејзината американска колешка.
Легендата на романскиот тенис ќе мора да плати и 10.000 долари. Во наредниот период ќе може да присуствува на гренслем турнири, но нема да добива никакви пропусници од ИТФ до 2019 година.