Србија е сериозна во намерите за ограничување на увозот на македонско вино, доколку македонската Влада не ја повлече мерката за ограничен увоз на српско брашно и пченица.
Српската Влада постави нов ултиматум, јавува Фактор, ако во рок од 10 дена не се реши проблемот за ограничување на извозот на српска пченица и брашно, тие ќе воведат реципрочни мерки за Македонија и најверојатно ќе го ограничат увозот на македонско вино и домати.
Потпредседателот на српската влада Расим Љајиќ и министерот за земјоделство Горан Кнежевиќ, го усогласиле и редоследот на мерките кои ќе се спроведуваат кон Македонија, ако ние не ја укинеме мерката за врзан увоз.
– Владата на Србија е свесна и за лошите страни на ваквата одлука, но ние во интерес на нашите земјоделци и нашата економија, сме принудени да донесеме такви мерки, со оглед на тоа дека Македонија веќе четврта година по ред, со ограничувањето на увозот на срспка пченица и брашно, на најдиректен начин ги крши ЦЕФТА договорите, изјавуваат од Владата на Србија за српски Танјуг.
Потпретседателот на српската Влада Љајиќ, веќе упати писмо со барање за вонредна седница до претседавачот на ЦЕФТА за оваа година Босна и Херцеговина. Во писмото стои дека Македонија ги крши договорите на ЦЕФТА, и дека доколку проблемот не се реши во дадениот рок од 10 дена, Србија ќе воведе контра мерки.
Во меѓувреме, македонските винарии веќе калкулираат со евентуланите загуби од извозот на вино во Србија. Порачуваат двете земји што побрзо да најдат заедничко решение, со кое ќе се избегнат негативните последици врз извозот на вино.