Фудбалска претстава од соништата понудија Арсенал и Лестер во премиерта од новата сезона во англиската премиерлига. „Топчиите“ на крајот славеа со 4:3 во меч во кој поведоа, па двапати заостануваа за еден гол (1:2, 2:3) за бодовите, сепак, да останат на „Емирати“ благодарение на играчите од клупата на Арсен Венгер.
Најава за „лудиот“ развој на настаните во Лондон донесоа воведните пет минути во кои двете екипи постигнаа по еден гол. Одлично деби за Арсенал имаше Александре Лаказет кој првиот контакт со топката, по нафрлување на Елнени, го претвори во гол, но еуфоријата на домашните фанови траеше кратко. Три минути ја стивна Оказаки за израмнување на 1:1.
До крај на полувремето уште по една капитулација на голманите Петр Чех и Каспер Шмајхел. Најпрво погоди Варди во 29 минута за водство на „лисиците“ со 2:1 за Велбек во судиското продолжение да израмни на 2:2.
https://www.youtube.com/watch?v=YrixIqTKabE
Арсенал тргна силно во вториот дел, но, сепак, следуваше нов студен туш на „Емирати“. Англискиот репрезентативец Варди со својот втор гол на средбата, во 56 минута, обезбеди нова предност за Лестер (2:3) по корнерот на Марез од десната страна.
Арсен Венгер насети дека „ѓаволот ја однел шегата“, па сите карти за последната третина од средбата ги фрли на нападот. На терен ги испрати Жиру, Рамси и Волкот со мисија за пресврт. И успеа во тоа во завршните десет минути. Рамси реализира во 82 минута за ново израмнување, а Жиру во 85 минута, со помош на гредата, се впиша меѓу стрелци за конечни 4:3 на крајот. Асистент при двата гола беше Гранит Џака.
Првото премиерлигашко коло продолжува утре (сабота) со седум натпревари. Програмата ја отвораат Вотфорд и Ливерпул од 13,30 часот, во стандардниот термин (16 ч.) продолжуваат Челзи – Барнли, Кристал палас – Хадерсфилд, Евертон – Стоук, Саутемптон – Свонси и ВБА – Борнмут, а за 18,30 часот е дуелот меѓу Брајтон и Манчестер сити.
Викендот ќе биде комплетиран во недела со мечевите Њукасл – Тотенхем (14,30 ч.) и Манчестер јунајтед – Вест Хем (17 ч.).