Самир Насри (30) дефинитивно ја напушта Премиерлигата и се сели во Турција. Францускиот интернационалец, кој минатата сезона ја мина како позајмен фудбалер од Манчестер сити во Севилја, во наредните две години ќе игра за Анталијаспор чиј тренер е прославениот Камерунец Самуел Ето.
Иако ги почна подготовките за новата сезона со „граѓаните“, сепак, не успеа да се наметне во плановите на Пеп Гвардиола што беше случај и лани, па Шпанецот овојпат се реши за продажба на поранешниот репрезентативец на „триколорите“.
Насри се придружи на Сити од екипата на Арсенал во 2011 година за сума од 25 милиони евра. Со клубот од „Етихад“ освои две титули во Премиерлигата и по една во Лига купот и англискиот Суперкуп или популарниот „Комјунити шилд“ и вкупно одигра 171 натпревар во кој постигна 26 гола.