Жозе Мурињо сериозно ги затегна сите штрафови во Манчестер јунајтед кој продолжува со одличните игри и резултати во новата сезона. Најнова жртва на „црвените ѓаволи“ е Лестер кој беше поразен на „Олд трафорд“ со 2:0 за трета нивна победа во Премиерлигата и лидерската позиција на табелата со импресивна гол разлика од 10:0.
Фудбалерите од клупата овојпат беа талични за португалскиот менаџер. Јунајтед долго време се мачеше да го пробие сензационалниот од сезоната 2015/16, Погба се обидуваше со удари од дистанца, Ромелу Лукаку промаши и пенал во 53 минута (го одбрани Каспер Шмајхел) за решенијата за конечен триумф да бидат извлечени меѓу резервистите.
Мурињо го замени Мата со Маркус Рашфорд во 67 минута, а младиот напаѓач му возврати на Португалецот со гол по само три минути по асистенција на Мкитарјан. Идентичен ефект донесе и вториот потег од клупата во 74 минута. Фелаини влезе во игра на местото на Ерменецот и веќе во 82., по додавање од Лингард, зголеми на 2:0.

Третиот триумф на Манчестер Ј. во сезоната го поздрави и Јусеин Болт. „Вооружен“ со клупски реквизити (капче и шал), спринтерот од Јамајка беше на трибините на „Олд трафорд“ и по мечот, видно расположен од конечниот исход, беше достапен и за фотографирање со дел од фановите.
Премиерлига, 3 коло
Манчестер Ј. – Лестер 2:0
Вотфорд – Брајтон 0:0
Њукасл – Вест Хем 3:0
Хадерсфилд – Саутемптон 0:0
Кристал палас – Свонси 0:2
Борнмут – Манчестер сити 1:2
Недела
Челзи – Евертон (14,30 ч.)
ВБА – Стоук
Ливерпул – Арсенал (17 ч.)
Тотенхем – Барнли