Најдобриот стрелец во квалификациите за Лига Европа (ЛЕ) ова лето, Максим Максимов (21) е шестото летно засилување за Вардар. Младиот руски напаѓач пристигна во Скопје од екипата на Тракаи, која летово беше елиминирана од Шкендија, и се обврза на тригодишна верност кон македонскиот фудбалски првак. Со „црвено-црните“, како што вели, е добро запознат и она што го очекува на личен план е брзо вклопување во новата средина и со добри игри да возврати на укажаната доверба од клупското раководство и од стручниот штаб.
„Знам дека дојдов во тим што е редовен првак на Македонија во последните неколку години и знам дека во минатата недела го постигна најголемиот успех во клупската историја со пласманот во групите во Лига Европа. Моите очекувања се однесуваат на освојување на што повеќе бодови во Европа, па зошто да не минеме и во нокаут рундите и, секако, одбрана на титулата во домашното првенство“, истакна Максимов при промоцијата.
Максимов се наоѓа во добра играчка и реализаторска форма на што упатува ефектот што го имаше за литванскиот состав во шесте натпревари во Лига Европа. По еден гол постигна во двата меча против шкотски Сент Џонстон во првото квалификациско коло, три прослави против шведски Норчепинг во второто коло и уште два во првиот меч со тетовци на домашен терен. Очекува и посакува во ист ритам да продолжи и во дресот на вардарци.
„Вардар е нов предизвик за мене, поразличен од досегашните. Се надевам дека ќе продолжам со голови што ќе донесат успех и на тимот. Верувам дека брзо ќе се адаптирам за што очекувам помош и од неколкуте фудбалери во екипата кои зборуваат руски јазик. Мене ми останува посветено да работам на тренинзите и низ настапите да ја оправдам довербата“, заклучи новиот вардаров напаѓач кој во Литванија, освен за Тракаи, настапуваше и за Атлантис.
Вредноста на Максимов на фудбалскиот пазар, според интернет страницата www.transfermarkt.co.uk, се проценува на 180.000 фунти.