Алекс Окслејд Чембрлен од денеска и официјално е нов фудбалер на Ливерпул. Трансферот на досегашниот играч на Арсенал го потврдија и на „Енфилд“ без притоа да наведат финансиски детаљи од договорот освен дека е потпишан за неколку сезони.
„Задоволен сум што потпишав за Ливерпул. Благодарност до сите во Фудбалската асоцијација што го овозможија трансферот. Толку засега. Во моментот сум со репрезентацијата пред која се два големи меча. Сакам да останам фокусиран на нив“, порача Чембрлен.
Медиумите во Англија шпекулираат дека трансферот на Чембрлен ќе ги чини „црвените“ околу 35 милиони фунти, а „Би-Би-Си“ објави дека репрезентативецот на Гордиот Албион и Ливерпул постигнале договор за соработка за наредните пет сезони.
Чембрлен беше во Арсенал од 2011 година. За „топчиите“ одигра 132 меча и постигна девет гола. Претходно една сезона го носеше дресот на Саутемптон. Дебито во националниот тим го имаше во 2012 година и досега настапи во 27 натпревари во кои постигна и шест гола.